Активности

Понеделник, 24 ноември 2014 година

Македонија и Турција - пријателски земји со успешна соработка на сите нивоа

Претседателот на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Турција, г. Кенан Хасипи, оствари средба со Делегација на Големото национално собрание на Република Турција, предводена од претседателот, г. Џемил Чичек.

На средбата присуствуваа и членовите на Пратеничката група: г-ѓа Силвана Бонева, г. Амди Бајрам, г. Јамин Синани и г. Газменд Алији.

Беше изразена благодарност за поддршката што Турција ѝ ја дава на нашата земја на евроинтегративниот пат, што прва не призна под уставното име и испрати амбасадор, и што во посебна фуснота во сите документи го користи уставното име Република Македонија, како и за поддршката во однос на пресудата од Хаг, за залагањето правдата да важи неселективно за сите во Европа.

Присутните беа едногласни дека севкупните односи помеѓу Македонија и Турција се на високо ниво, дека тие се две пријателски и братски земји, кои не се обременети со ниедно политичко прашање, имаат потпишано стратешко партнерство и низа билатерални договори, остваруваат успешна соработка и средби на сите нивоа. Отворени се десет почесни конзулати на Република Македонија ширум Турција и два турски во Битола и Охрид.

Ваквата успешна релација треба да се преточи и во зајакнување на економската соработка. Турските инвестиции во Македонија се многубројни, но се очекува уште повеќе да се зголемат и да се зголеми трговската размена.

Со ратификување на Договорот за културна соработка, се зацврстуваат и онака извонредните односи на ова поле. Во тој контекст беше спомената Спомен-куќата на таткото на Мустафа Кемал Ататурк во селото Коџаџик во општината Центар Жупа, интензивната работа на изградбата на Турскиот театар, како единствен турски професионален театар на Балканот, како и реставрирањето на повеќе објекти низ земјава.

Во однос на образованието, стана збор за Балканскиот народен универзитет, квалитетен институт со образование на високо ниво. Исто така, беше упатена благодарност и за помошта од Турција во одбраната и Министерството за внатрешни работи, а беше истакната и успешната соработка во здравството.

Претседателот Чичек го потенцираше големото значење на турската заедница во Република Македонија, која ги зачувала своите особености и која добива огромна поддршка од двете земји. Како заедничко прашање, го истакна зачленувањето во Европската унија.

Тој истакна дека е потребно да се олеснат околностите за инвестирање во нашата земја, да се поттикнуваат инвеститорите, да се оформат слободни царински зони, што ќе доведе до отворање на нови турски фабрики и на тој начин намалување на невработеноста. Предложи да се доизгради патот до Спомен-куќата на таткото на Мустафа Кемал Ататурк и да се олесни добивањето на визи, како нивниот пример со издавањето визи на самите гранични премини. Исто така, ја истакна можноста за стипендирање на македонските студенти, како што е случај со студентите од Северен Кипар. Во однос на 100-годишнината од ерменското прашање, истакна дека тоа е работа за историчарите и прашање кое не треба да се решава во Парламентот.

Претседателот Чичек заклучи дека Македонија е раскрсница, срце на Балканот, затоа треба да се зачуваат и да се развиваат добрите односи, што ќе влијае и на севкупните односи во целиот регион.

Click