Активности

Среда, 17 септември 2014 година, Јахорина, БиХ

Македонскиот пример за надзор над трошењето на ИПА средствата е позитивен

На Конференцијата на Регионалната мрежа на парламентарните комисии за економија, финансирање и европски прашања, што во организација на Вестминстер фондацијата за демократија, денеска, се одржува на Јахорина, БиХ, учествуваат и заменик-претседателот и членот на Комисијата за европски прашања во Собранието на Република Македонија, Нора Алити и Нола Исмајлоска.

Во рамките на Првата сесија на Конференцијата, посветена на искористеноста на ИПА фондовите во регионот говореше Нора Алити, која истакна дека е од исклучително значење за Република Македонија искористувањето на овие европски пари во  нејзиниот евроинтегративен процес, со цел за реализирање на потребните ЕУ реформи. Алити, укажа дека Македонија прави напори да се подобри искористувањето на ИПА средствата, со цел поорганизирано и поподготвено да се пристапи кон искористувањето на новата транша на европските пари во рамките на ИПА II 2014-2020. 

Во таа насока се осврна и на надзорната расправа што Комисијата за европски прашања ја одржа минатата година, за степенот на искористеноста на ИПА I, како добар пример за парламентарна контрола на Владата во овој домен.

Притоа, во расправата беше истакнато дека македонскиот пример за надзор над трошењето на ИПА средствата е позитивен и дека ќе им помогне како добро искуство и практика на парламентите од регионот. Исто така, беа предложени начини за подобрување на искористувањето на средствата од ИПА II, меѓу кои, и преку  поголемо вклучување на граѓанското општество.

Пратеничката Нола Исмајлоска говореше во Втората сесија, во која беа разменети мислења и ставови за евроинтегративниот процес во регионот, од аспект на унапредување и развивање на КОСАП конференциите, како добра можност за дебатирање за актуелните прашања во овој домен. Во врска со ова, истакна дека КОСАП конференции можат значително да придонесат за зајакнувањето на политиката на владите од регионот во насока на побрзо и поквалитетно исполнување на бараните критериуми за полноправно членство во Европската унија, но и за посилно настапување во самата Европска унија.  

Притоа, како  добра можност за заеднички настап и промовирање на заедничките регионални интереси во евроинтегративните процеси на државите учеснички во КОСАП ги посочи Конференциите на комисиите за европски прашања на земјите- членки на ЕУ-КОСАК, на кои како земји-кандидати учествуваат Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Турција, како набљудувачи. 

Click