Активности

Четврток, 7 јули 2016 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на 55. Балкански фестивал на народни песни и игри

Дами и господа,
Почитувани пратеници,
Екселенции,
Почитувани учесници на фестивалот,
Драги пријатели,

Вечерва за мене, а верувам и за вас, е голема чест и задоволство сите заедно да го одбележиме отворањето на Педесет и петтиот јубилеен Балкански фестивал на народни песни и игри. Манифестација која, како дома, така и во светот, во овие 55 години на делување, стана препознатлива и денес е во меѓународниот каталог на најзначајни фолклорни манифестации. 

Фестивалска манифестација преку која македонскиот фолклор и песна ги претставуваме како дома, така и во регионот, но и многу пошироко по сите меридијани на светот. Да потсетам дека во овие 55 години овде настапувале фолклорни групи од цела Европа, потоа од САД, Канада, Австралија, Малезија, Нигерија и така натаму.

Можеби ваквиот успех лежи во фактот на големото богатство што во себе го носи македонската народна музика и фолклорот. Тоа богатство се надополнува и со песната и фолклорот на припадниците на другите етнички заедници кои со векови живеат овде. Но, исто толку важно за успехот на оваа фестивалска манифестација, е што сите ние сме отворени кон културата и културните вредности на другите народи. Тие вредности ги почитуваме и сакаме во исто време да ги споделуваме. Културата, а во тие рамки, народната музика и фолклорот, покрај тоа што имаат национални обележја, во себе носат и универзални цивилизациски вредности.

Почитувани пријатели,

Ако ја погледнеме нашата историја, веднаш се гледа дека токму народната песна и игри биле еден од столбовите врз кој сме граделе и сме го зачувале и развивале нашиот национален идентитет. Токму затоа, сите ние имаме обврска нашите песни и игри, односно тоа немерливо фолклорно богатство, да го чуваме, надоградуваме и, што е најважно, успешно да го пренесуваме на генерациите кои доаѓаат. Ова е посебно важно, бидејки живееме во еден динамичен и бурен период, кој на моменти предизвикува најразлични прашања, дилеми, па дури и сомнежи. Сепак, одговорот на сето тоа можеме да го најдеме токму во нашата историја, во нашата култура, во македонската народна песна и „Тешкото“ како симбол на нашите македонски игри. 

Дозволете ми во оваа пригода да изразам признание и благодарност до Центарот за култура „Григор Прличев“, кој, еве, веќе по педесет и петти пат е организатор на оваа манифестација. Исто така, со големо задоволство и почит сакам да ги поздравам сите учесници на овој јубилеен фестивал на народни песни и игри кои доаѓаат како од регионот, но и од многу пошироко. Се надевам дека сите ние како домаќини ќе им го покажеме нашето традиционално гостопримство, како што тоа сме го правеле и досега, а нашите гости кога ќе заминат, со себе ќе понесат и дел од нашата култура, која овде, во Охрид, изобилува. 

Со тоа, почитувани присутни, го прогласувам Педесет и петтиот Балкански фестивал на народни песни и игри за отворен и ве поканувам сите заедно да уживаме во програмата која ќе ја изведе нашиот најреномиран и светски познат Ансамбал на народни песни и игри „Танец“.

Ви благодарам на вниманието. 

Click