Активности

Петок, 27 ноември 2015 година

Обраќање по повод одбележување на 20 години полноправно членство на Црвениот крст на Република Македонија во Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвена полумесечина

Почитувани присутни,
Дами и господа,

Ќе го започнам своето обраќање со зборовите на Анри Динан чија идеја е основата на Женевската конвенција од 1864 година и инспирација за создавање на Меѓународниот комитет на Црвениот крст: „Зарем не би било можно, во мирни времиња, да се формираат друштва за помош со цел обезбедување на грижа за ранети лица за време на војна преку посветени и целосно обучени волонтери? За ваква работа, платената помош не е она што е вистински потребно. За тоа се потребни болничари и сестри волонтери, кои се посветени, обучени и искусни и чија улога ќе биде призната од командантите на армиите на бојното поле и ќе биде поддржана и помогната нивната мисија.“ Ова се негови зборови и извадок од книгата „Сеќавање од Солверино“ која ја напишал откако ги сведочел страдањата на ранетите војници во Битката кај Солверино.

Почитувани,

Чест ми е да се обратам денес кога се одбележуваат 20-те години полноправно членство на Црвениот крст на Република Македонија во Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвена полумесечина. Во период на човечки загуби, трауми и опустошеност по Втората светска војна се раѓа и почетокот на ова меѓународно движења во Македонија.

Црвениот крст на Република Македонија формиран на 17 март 1945 година со акт на Президиумот на АСНОМ уште од своето формирање е цврсто врзан со државно-правната функција во областа на хуманитарното дејствување. Исто така, поврзаноста се реализира и во извршувањето на меѓународните обврски за помош тогаш кога е потребна и како инструмент за имплементација на Меѓународното хуманитарно право. Во 1994 година Собранието на Република Македонија го изгласа Законот за Црвен крст во чија правна рамка ги вгради основните принципи на Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина, принцип на независност, неутралност, непристрасност, хуманост, единство, доброволност и универзалност. Со тоа се овозможи соодветно функционирање, како на национално, така и на меѓународно ниво. Со тоа се даде придонес во градењето на општество кое се стреми кон организирано и активно Национално друштво на Црвен крст. Зајакнувањето на меѓународниот субјективитет и углед на Црвениот крст на Република Македонија беше овозможено со ратификување на Четирите Женевски конвенции од 1949 година и двата Дополнителни Протоколи кон Женевските конвенции од 1977 година. Нивното ратификување овозможи имплементација и етаблирање на Меѓународното хуманитарно право во Република Македонија.

Почитувани присутни,

Црвениот крст со своите активности го гледаме насекаде околу нас, во соработката и во програмите за заштита и помош на ранливи категории на лица, проекти за хумани вредности, социјална инклузија, мир, ненасилство, здравствено воспитување и воопшто грижата за човековиот живот и достоинство. Уште од самиот почеток Црвениот крст бележи успешна работа, па така по Граѓанската војна во Грција во периодот од 1946 до 1948 година активно работи на згрижување и помагање на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија. Основната мисија на „Црвениот крст“ во спречување и олеснување на човечкото страдање во итни случаи е дел и од нашето колективно сеќавање на не толку далечното минато. Имено, голема помош за последиците настанати од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година дојде токму од норвешкиот Црвен крст. Во моментов, регионот и Европа се соочува со предизвикот од бегалската криза која доаѓа од Блискиот Исток и држави кои се зафатени од воени конфликти. Црвениот крст придонесува со сиот свој капацитет во поддршка на мигрантите на терен на двата гранични премини во Гевгелија и во Табановце. Исто така, Црвениот крст како една од своите основни цели го има крводарителството, како израз на највисок степен на солидарност и доброволност. Собранието на Република Македонија поддржувајќи ја оваа хуманитарна активност секоја година организира крводарителски акции во соработка со Црвениот крст на која им се овозможува на пратениците и собраниската служба да учествуваат со свој придонес.

Дами и господа,

Би сакал да го искажам и своето задоволство од активноста на Црвениот крст за едукација на младите преку нивните принципи. Со самото тоа Црвениот крст позитивно влијае во формирањето на личностите, а со тоа и го трасира патот кон подобра и посигурна иднина. Тука би ги искористил и зборовите на познатиот Махатма Ганди кој вели: „ Најдобриот начин за да се пронајдеш себе е да се предадеш во служба на другите“. На овој начин би ја искажал својата почит за волонтерството како дејствување инспирирано единствено од желбата да се помогне. Поради тоа, доброволната работа е начин на кој секој човек може да направи неверојатни работи.

Денешниот свет се соочува со бројни предизвици во областа на безбедноста. Секојдневно слушаме за зголемени тензии и насилства од сите страни на светот. Станува јасно дека постои голема потреба од развивање на повисока свест за општественото добро, а кој подобро би го предводел развивањето на индивидуални и колективни хуманитарни вредности од Црвениот крст. Изнаоѓајки инспиративен пристап за приближување на хуманитарните вредности и фундаментаните принципи на Црвениот крст и Црвената полумесечина и соработувајќи со државните власти, институциите, граѓанските организации и поединци Црвениот крст успева да биде присутен во животот на секој од нас.

Сепак, успешната работа и достигнувањата не значат крај на целта туку почеток на ново поглавје и во таа насока ќе потенцирам дека Црвениот крст на Република Македонија го чекаат нови иницијативи, нови предизвици и искрено се надевам – нови победи. Оваа година е година во која се одбележуваат два значајни јубилеи – 70 години од формирањето на Црвениот крст на Република Македонија и 20 години полноправно членство во Меѓународната федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина. Дозволете ми, на крајот, да ви ги честитам двата јубилеи и да ви посакам иднина исполнета со развој и успешно остварување на вашата улога во општеството.

Ви благодарам.

Click