Активности

Среда, 23 јули 2014 година

Петта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на вчерашната 5. седница, како матично работно тело, го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки (во прво читање).

Образложение на Предлогот на законот даде заменикот на министерот за финансии, г. Ардиан Џеладини. Тој истакна дека Законот за јавните набавки („Службен весник на Република Македонија“ бр. 136/07, 130/08, 97/10, 53/11, 185/11, 15/13, 148/13, 28/14 и 43/14) започна да се применува од 1 јануари 2008 година. Во периодот на негова примена беа донесени неколку измени и дополнувања со кои се извршија низа на прилагодувања и подобрувања на законскиот текст, а се воведоа и одредени новини согласно со политиките на Владата на Република Македонија. Државната комисија за жалби по јавни набавки претставува еден од столбовите за обезбедување законитост и контрола во постапките за доделување договори за јавни набавки и јавно–приватни партнерства. Голем дел од предложените измени и дополнувања се токму на предлог на Државната комисија и истите треба да обезбедат поконкретни правила за нејзината внатрешна организација и функционирање. 

Предлог на законот, исто така, содржи и повеќе одредби со кои се воведуваат нови контролни механизми при доделувањето рамковни спогодби, негативни референци, како и при условите за добивање согласност од Советот за јавни набавки.

Предложените измени и дополнувања на Законот за јавните набавки првенствено се со неколку основни цели: да се допрецизираат и подобрат одредени одредби од постојното законско решение согласно со досегашните искуства од примена на законот; да се доуреди постапката пред Советот за јавни набавки; да се определи пазарот кој е релевантен при вршење на анализата на пазарот заради утврдување на потребата од добивање согласност од Советот, да се пропишат подетални правила во делот на работата и одлучувањето на Државната комисија за жалби по јавни набавки при извршување на нејзините надлежности, да се доуредат одредени аспекти при користењето рамковни спогодби и да се воведе контрола при издавањето и примената на негативните референци.

Во претресот учествуваа пратениците: Драган Цуклев, Талат Џафери, Крсто Мукоски и Владанка Авировиќ. 

На крајот од расправата, Комисијата, едногласно заклучи дека Предлог на законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click