Активности

Среда, 2 септември 2015 година

Посета на г. Арлем Дезир, државен секретар за европски прашања при Министерството за надворешни работи и Меѓународен Развој на Република Франција

Во рамките на посетата на Република Македонија, од страна на  француската Делегација, составена од  г. Арлем Дезир, државен секретар за европски прашања при Министерството за надворешни работи и Меѓународен Развој на Република Франција,  и  пратеникот и претседател на  парламентарната група за пријателство со Франција, г. Филип Дурон,  во придружба на  француската амбасадорка во Република Македонија, г-ѓата  Лоренс Оер денес во Собранието на Република Македонија, беше одржана заедничка средба на делегацијата со членовите на Комисијата за европски прашања и на Комисијата за надворешна политика. 

Со средбата, претседаваше заменик претседателот на Комисијата за европски прашања, г-ѓата Нора Алити,  која ја истакна важноста за  понатамошно продлабочување на парламентарната соработка на двете  пријателски држави.

Господин Дезир, во своето излагање, истакна дека Франција и понатаму ќе продолжи да ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ И НАТО. Во врска со бегалската криза во регионот и пошироко во  ЕУ, ја потенцира сериозноста на проблемот со големиот наплив на бегалци од Сирија, но и од другите земји од Блискиот Исток и од Северна и Централна Азија, за Македонија, како транзитна земја на рутата на бегалците, но и за земјите на ЕУ, како нивна крајна дестинација. Во таа насока, рече, дека Унијата има издвоено парична помош за регионот, за справување со оваа криза, која за жал се очекува и понатаму да се влошува. 

На средбата беа разменети мислења и ставови за евроинтегративните процеси на Македонија и пошироко во регионот, но и за актуелните состојби во Европската унија. Од наша страна, беше потенцирана определбата за  европска перспектива на Република Македонија, зад која стојат сите политички партии, како и мнозинството граѓани во земјата, при што, беше поздравено медијаторството на меѓународната заедница, за излез од политичката криза во земјата.

Click