Активности

Вторник, 28 октомври 2014 година

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ ГО ПРИМИ НОВОИМЕНУВАНИОТ АМБАСАДОР НА КРАЛСТВОТО ДАНСКА ЗА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, Г-ЃА ЛИСЕЛОТ ПЛЕСНЕР 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, денеска оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Кралството Данска за Република Македонија со седиште во Виена, г-ѓа Лиселот Плеснер. 

Двајцата соговорници изразија задоволство од средбата и притоа претседателот Вељаноски посака успешна работа во мандатот на новоименуваниот амбасадор, изразувајќи желба дека во овој мандат амбасадорот ќе помогне да се зајакне соработката помеѓу Република Македонија и Кралството Данска на сите нивоа, а особено да се зајакне и продлабочи парламентарната соработка. 

Претседателот Вељаноски ја истакна својата лична подготвеност и подготвеноста на Кабинетот и Собранието на Република Македонија да се интензивира соработката помеѓу Парламентите на двете земји, како на ниво на посети на претседатели на Парламенти, така и на ниво на пратеници и пратенички групи за соработка, и за таа цел истакна дека се добредојдени сите предлози и идеи на Амбасадата што би помогнале во остварување на оваа цел. 

Амбасадорот Плеснер изрази подготвеност да се преземат конкретни чекори за подобрување и зајакнување на контактите помеѓу двата парламенти. 

Двајцата соговорници оценија дека добрата парламентарна соработка помеѓу две држави дава пример за добра соработка и на други полиња, дава добра слика на граѓаните, како и на бизнис заедницата, и од неа може да се црпи инспирација за понатамошна соработка и пријателски односи. 

Претседателот Вељаноски истакна дека економската соработка значително помага во воспоставување на подлабоки односи помеѓу две земји и притоа ја истакна заложбата на Владата на Република Македонија за постојано подобрување на економските услови и бизнис климата во државата, сè со цел да се привлечат странски инвестиции за подобар животен стандард на граѓаните, како и поголема конкурентност на државата. 

Претседателот Вељаноски ја поздрави константната политика на Кралството Данска за поддршка на процесот на проширување на ЕУ, пред сè на земјите од Западен Балкан и се заблагодари на поддршката која Република Македонија ја добива во однос на интеграцијата во НАТО и Европската унија, нагласувајќи ја заложбата на Република Македонија за продолжување со исполнување на сите потребни критериуми во однос на интеграцијата.

Click