Активности

Понеделник, 12 јуни 2017 година

Средба на претседателот Џафери со хрватската амбасадорка Баришиќ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари официјална средба со амбасадорката на Република Хрватска во Република Македонија, г-ѓа Данијела Баришиќ.

На почетокот од средбата амбасадорката му го честиташе изборот на функцијата претседател на Собранието и изрази искрени очекувања дека досегашните високо развиени билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Хрватска ќе продолжат во иднина со засилена динамика. 

Претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, заблагодарувајќи се на честитката, ја информираше амбасадорката за актуелните настани во Собранието на Република Македонија поврзани со формирањето на комисиите, делегациите и пратеничките групи за соработка, со што Собранието во иднина ќе може во полн капацитет да ги извршува своите функции на внатрешно-политички и на меѓународен план. 

Истовремено, како претседател на сите пратеници, тој лично ќе се заложи за враќање на институционалниот интегритет на Собранието во уставниот систем на Република Македонија, како законодавен орган, како и на јакнење на довербата на граѓаните во оваа институција. Воедно ќе вложи напори да ја направи оваа институција потранспарентна на начин што граѓаните ќе можат редовно да ги следат пленарните седници, и непосредно да добијат увид во работата на пратениците кои тие ги избрале. 

Амбасадорката Баришиќ подвлече дека повеќедецениските односи на разбирање и пријателство помеѓу двете држави и блиските релации меѓу нашите граѓани, претставуваат голем капитал и инвестиција во иднината. Република Хрватска и понатаму ќе ја дава својата јасна и силна поддршка на Република Македонија на мултилатерален план, особено во Европската унија и во НАТО. Паралелно, ќе продолжат да се негуваат и развиваат парламентарната соработка и парламентарната дипломатија, како и односите на планот на економијата, одбраната и културата. 

На крајот од средбата, претседателот на Собранието, г. Талат Џафери најави дека тој лично ќе го покани својот колега, претседателот на хрватскиот парламент, да дојде во официјална посета на Република Македонија, со што ќе се даде значаен импулс, како во развојот на билатералните односи, така и во регионален и европски контекст.