Активности

Среда, 12 ноември 2014 година

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ ОСТВАРИ СРЕДБА СО БУГАРСКИОТ АМБАСАДОР, Г. ИВАН ВЕЛИКОВ ПЕТКОВ

На почетокот, двајцата соговорници изразија задоволство за средбата, разговараа за неодамнешните парламентарни избори кои се одржаа во Република Бугарија и стана збор за моменталната состојба со формирањето на Владата на Република Бугарија. 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, на средбата истакна дека Република Македонија и Република Бугарија имаат блиска билатерална соработка, но потребно е таа да се интензивира на повисоко ниво, со посети на парламентарните групи за соработка на двете држави, како и посети на највисоко ниво.

Претседателот Вељаноски посебно го истакна значењето на парламентарната дипломатија, преку која може уште повеќе да се придонесе во севкупните односи на двете земји. Тој ја искористи можноста на средбата да упати честитки до г-ѓа Цецка Цачева, која е избрана за претседател на Народното собрание на Република Бугарија, а воедно преку амбасадорот упати покана до неа за официјална посета на Република Македонија. 

На средбата се разговараше и за регионалната соработка, како и за македонско-бугарските односи, при што беше истакнато дека е потребно да се зајакнува трговската размена, што ќе придонесе кон раст на економијата на двете држави, како и соработката за подобрување на инфраструктурната комуникација меѓу двете земји преку проектот за Коридорот 8. 

На крајот, претседателот Вељаноски ја потенцираше отвореноста на Собранието на Република Македонија, како и неговиот Кабинет, за соработка и за континуирана комуникација со Амбасадата на Република Бугарија во Република Македонија.

Click