Активности

Четврток, 4 февруари 2016 година

Средби на претседателот Вељаноски во Вашингтон 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, во Вашингтон оствари средби со претседателот на НДИ, г. Кенет Волак и претседателот на ИРИ, г. Марк Грин.

На средбата со претседателот на НДИ, г. Кенет Волак беше изразено задоволство од страна на двајцата соговорници за долгогодишната успешна соработка која ја имаат Собранието на Република Македонија и НДИ. 

Претседателот Вељаноски се заблагодари на НДИ за активното учество во унапредувањето на парламентарната соработка преку иницирање и реализација на бројни проекти во Собранието, меѓу кои отворањето на Парламентарниот институт. 

Претседателот на НДИ, г. Волак, изрази задоволство што Парламентарниот институт е позитивно прифатен од страна на сите политички структури во Собранието и успешно ја извршува својата работа. Тој, исто така, истакна дека НДИ ќе остане отворена за идни проекти и соработка со Собранието. 

На средбата се разговараше и за моменталната состојба во државата, при што претседателот Вељаноски истакна дека особено е важно да се спроведат предвремените парламентарни избори, со што би се спровел политичкиот договор постигнат меѓу политичките партии. 

Претседателот Вељаноски нагласи дека за справување со мигранската криза со која се соочува Република Македонија, но и цела Европа, потребно е да имаме стабилна влада која ќе може да одговори на предизвикот. Од тие причини треба да се спроведат изборите во предвидените рокови, бидејќи се очекува зголемување на бројот на бегалци во наредниот период. 

Господинот Волак потенцираше дека ја следат ситуацијата во Република Македонија и дека сметаат дека Собранието треба да има значајна улога во решавањето на сите отворени политички прашања и проблеми, бидејќи политичката дебата треба да се води во Собранието. 

Соговорниците се согласија дека преку Парламентот се отсликува политичката ситуација во една држава. Претседателот Вељаноски изрази уверување дека и овој пат, како многу пати досега, политичките партии во Република Македонија ќе најдат начин и трпените да ја надминат и оваа ситуација.

Претседателот Вељаноски на средбата со претседателот на ИРИ, г. Марк Грин, го информираше соговорникот за интересите и приоритетите на Република Македонија во наредниот период и работата на Собранието на Република Македонија. 

Соговорниците ја нагласија досегашната успешна соработка. Претседателот Вељаноски истакна дека анкетите кои ги спроведува ИРИ во Македонија се почитувани и се сметаат за релевантен извор на податоци за јавното мислење. 

Претседателот на ИРИ, г. Грин, истакна дека ИРИ е заинтересирана за идна соработка и е отворена за размена на идеи за моќни нови проекти во Република Македонија. Тој нагласи и дека ИРИ секогаш ја охрабрува Владата на САД да помага на земјите кои имаат проблеми како што е проблемот со бегалската криза во Македонија. Господин Грин истакна дека најголемиот проблем со оваа мигрантска криза е што никој не ја очекуваше и затоа е тешко брзо да се изнајде решение.

Во рамките на активностите кои претседателот Вељаноски ги има при посетата на САД, беше и средбата со претседателот на Обединетата македонска дијаспора, г. Мето Колоски, на која што присуствуваа и потпретседателката на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Рената Десковска и пратеникот, г. Павле Саздов.

Оваа прилика соговорниците ја искористија да ги разменат своите мислења и ставови во однос на многу прашања од интерес на нашите иселеници.

Click