Активности

Четврток, 26 март 2015 година

Триесет и деветта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на  Триесет и деветтата седница, одржана на 24 март 2015 година, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за издавање на вредносни бонови - ваучери, по скратена постапка - II читање;
  2. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси  од задолжително социјално осигурување, по скратена постапка - II читање (поднесен од: Илија Димовски, Светлана Јакимовска, Крсто Мукоски и Александар Николоски);
  3. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри - I читање.

- Воведно образложение по Предлогот на законот за издавање на вредносни бонови-ваучери даде министерот за информатичко општество и администрација, г. Иво Ивановски. 

Тој истакна дека со Законот за издавање на вредносни бонови-ваучери се предлага издавање на вредносни бонови за обезбедување на таблет компјутери со надворешна тастатура за редовните студенти од семејства во кои месечни приходи не го надминуваат износот од 32.741 денари бруто приход и кои за прв пат се запишани во трета и четврта година на студии на високообразовните установи во Република Македонија, како и за студентите кои се евидентирани како лица со посебни потреби запишани во која било година на студии на високообразовните установи во Република Македонија. 

Потребата за скратување на роковите за разгледување и донесување на овој закон, произлегува и од тоа што средствата потребни за наплата на ваучерите се обезбедени во Буџетот за 2015 и 2016 година. За спроведување на овој закон се потребни 96.000.000,00 денари, средства кои се обезбедени од Буџетот на Министерството за информатичко општество и администрација. 

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Предлогот на законот не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Во претресот учествуваа пратениците: Лилјана Кузмановска, Олга Најденоска, Весна Дамчевска-Илиевска, Андон Чибишев и Нола Исмајлоска.

Комисијата го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието. 

- По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, воведно образложение даде пратеникот Крсто Мукоски. 

Тој истакна дека врз основа на направените анализи во земјите-членки на Европската унија, било утврдено дека постои горен лимит на надоместок на кој се  пресметуваат и плаќаат придонесите од задолжително социјално осигурување, па оттаму се наметнала потребата од изменување на одредбите од постојниот Закон со кои се уредува највисоката основица за пресметка и уплата на придонесите.

Со предложениот Закон се дефинира поимот „друг договор“ како секој вид на договор или друг акт, без оглед на нивната форма и вид, со кој се определува надоместок за извршување на физичка и/или интелектуална работа, вклучувајќи  и извршување на функција на именувано или избрано лице, управител или членување во орган на управување и надзор во трговски друштва, орган на управување и надзор на државни и јавни институции и установи (агенции, дирекции, фондови, регулаторни тела, јавни претпријатија, институти, заводи и слично), учество и членување во други органи, одбори, совети, комисии, комитети, установи, тела и слично. Имајќи ја предвид оваа дефиниција, извршните членови на одбори на директори, членови на управни одбори и управители во трговски друштва, ќе подлежат на плаќање на придонеси како лица кои остваруваат приходи од друг договор за извршување на физичка и интелектуална работа, поради што се предлага бришење на одредбите од членовите од постојниот Закон во кои овие лица се утврдени како обврзници за плаќање на придонеси.

Со предложените измени се врши и допрецизирање на основицата за пресметка и уплата на придонесите за остварените приходи од извршување на физичка и/или интелектуална работа, врз основа на договор за дело, авторски договор или друг договор. 

Исто така, се предвидува олеснување за обврзниците за плаќање на придонесите сами за себе, така што се пропишува наместо остварените приходи од вршење на физичка и интелектуална работа да ги пријавуваат до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, во рок од 5 дена од приемот на надоместокот, тоа да го направат најдоцна до петти во месецот за примените надоместоци во претходниот месец.

Највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите ќе изнесува 12 просечни плати. Истата ќе се утврдува одделно за примањата на обврзникот за плаќање на придонеси од работен однос, и одделно за примањата по основ на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа, остварени во тековниот месец.  За самовработените лица највисока месечна основица за пресметување и уплата на придонесите ќе изнесува осум просечни плати, ова со оглед на тоа дека се самовработени лица и самостојно вршат дејност. На износот повисок од највисоката месечна основица нема да се пресметуваат и уплатуваат придонеси.

По однос на највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонеси за тековната година за лице корисник на паричен надоместок за време на привремена невработеност, беше нагласено дека нема промени, односно со членот 5 со кој се менува членот 16 е утврдено дека највисока месечна основица за пресметување и уплата на придонеси за тековната година за лице корисник на паричен надоместок за време на привремена невработеност изнесува 80% од просечната плата по работник во Република Македонија, објавена во јануари во тековната година, според податоците на Државниот завод за статистика. 

При пресметка на највисоката месечна основица за тековната година се зема предвид просечната плата по работник во Република Македонија, објавена во јануари во тековната година, според податоците на Државниот завод за статистика. На износот повисок од највисоката месечна основица, не се пресметуваат и уплатуваат придонеси.

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Предлогот на законот не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Во претресот учествуваше пратеникот Владанка Авировиќ.

Комисијата го проследи и овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието. 

- Воведно образложение по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри даде г. Ардиан Џеладини, заменик на министерот за финансии. 

Тој истакна дека со предложениот Закон се дава можност за релиценцирање на приредувачите на игрите на среќа на кои им е издадена лиценца за приредување игри на среќа, односно да можат пред истекот на рокот на важноста на постојната лиценца да поднесат барање за нова лиценца, доколку ги имаат подмирено обврските по основа на надоместоците и ратите за лиценца пристигнати за наплата. 

Согласно Законот за игрите на игрите на среќа и за забавните игри, лица помлади од 18 години не можат да учествуваат во игрите на среќа. Приредувачот на играта на среќа е должен да го оневозможи учеството на лица помлади од 18 години, како и влезот во просториите каде што се приредуваат игрите на среќа. За непочитување на овие одредби се предвидени прекршочни санкции, односно предвидена е глоба во износ од 1.000 евра за одговорното лице во правното лице. 

Со предложениот Закон се воведува обврска за приредувачите на игрите на среќа за истакнување на натпис на влезот на деловната просторија каде што се приредуваат игрите на среќа дека строго се забранува влез на лица под 18 години. 

Со предложените измени и дополнувања се засилуваатовластувањата на Управата за јавни приходи, како инспекциски орган кој го врши надзорот врз приредувањето на игрите на среќа, да може во секое време при надзор да врши проверка во документацијата со која се докажува возраста на затекнатите лица во просториите каде што се приредуваат игрите на среќа. 

Во делот на казнените одредби, за правното лице, доколку овозможи влез и учество во игрите на среќа на лица помлади од 18 години, се предлага воведување на глоба во износ од 5.000 евра, а доколку делото се повтори во рок од две години, ќе му се изрече и прекршочна санкција привремена забрана за вршење на одделна дејност во траење од шест месеци до две години.

Еден од условите за добивање лиценца за приредување игри на среќа, согласно Законот за игрите на среќа и за забавните игри, е трговското друштво да достави потврда дека нема блокирано трансакциска сметка во банка во период од најмалку шест месеци пред поднесувањето на барањето, а ако трговското друштво не е постаро од шест месеци - од денот на неговото основање. Со оглед на тоа што сметката во банка од различни причини може да биде блокирана и деблокирана за кратко време, а исто така приредувачите на игрите на среќа за обезбедување на исплата на добивките од игрите на среќа и за плаќање на јавните давачки и другите давачки утврдени со закон доставуваат банкарска гаранција. Се предлага трговското друштво кое поднесува барање за издавање на лиценца до Министерството за финансии да достави потврда дека нема блокирано трансакциска сметка во банка во моментот на поднесување на барањето. Исто така се воведува услов трговското друштво кое поднесува барање за издавање на лиценца да достави потврда дека ги има подмирено јавните давачки по основ на даноци, царини и придонеси за задолжително социјално осигурување.

Со предложените измени и дополнувања се дава можност Министерството за финансии да одлучува за промена и на видот на автоматите и масите за игри на среќа во казино и автомат клуб и истовремено на Министерството за финансии се дава и право да не издава решенија и дозволи за приредување игри на среќа и забавни игри, доколку подносителите на барањата до месецот во кој го имаат поднесено барањето ги немаат подмирено јавните давачки по основ на даноци, царини и придонеси за задолжително социјално осигурување. Со Предлогот на закон се воведува обврска приредувачите на игри на среќа во автомат клуб евиденцијата со конечните месечни пресметки и копија од доказот за уплатата на посебната давачка да ја доставуваат до Министерството за финансии.

Во претресот учествуваа пратениците: Ѓорѓи Коџабашиев, Јасминка Дамческа и Никола Мицевски.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање. 

Click