Собраниско раководство

Понеделник, 20 април 2015 година, Рим

Обраќање на претседателот Вељаноски на Конференција на претседатели на парламенти од Европската унија на тема: "Европа по кризата: нови патишта на раст"

Почитувани колеги,
Дами и господа,
Екселенции,

Светот го зафати големата светска економска криза, а таа само што заврши, започна европската должничка криза. Со цел да се неутрализираат или во најмала рака да се намалат негативните последици од кризата врз животот на граѓаните и целокупното општество, Република Македонија спроведе четири пакети на антикризни мерки. Како никаде во Европа се овозможи добивката да се оданочува само ако е распределена во дивиденда и се намалија социјалните придонеси и царините. Со антикризните мерки се воведе и мирување на обврските по основ на придонеси за здравствено осигурување, ослободување од оданочување камати, одлагање на плаќање на даночниот долг, репрограмирање на долгот на 36 месеци, пониско оданочување на земјоделците за 80 отсто, инвестициска програма со која се предвидени голем број на инфраструктурни проекти, како и мерки за олеснување на извозот на стоки. Собранието на Република Македонија активно беше вклучено во процесот на изменување и дополнување на законската регулатива потребна за спроведување на сите овие мерки.

Почитувани,
Република Македонија во континуитет одржува макроекономска стабилност со ниска стапка на инфлација, балансирани јавни финансии, со одржливо ниво на буџетски дефицит и умерен јавен долг. Нашата држава успешно се справи со предизвиците кои произлегоа од глобалната финансиска криза. Во услови на криза, Република Македонија успеа да овозможи одржување на позитивен раст и зголемување на вработеноста. Како резултат на тоа, невработеноста се намали од 37% во 2004 година на 27% во 2014 година. Ваков раст беше овозможен преку политиката на Владата на Република Македонија за поддршка на економијата преку капитални инфраструктурни проекти и привлекување на странски директни инвестиции.

Минатата година започна изградба на 104 километри автопат. Изградбата на три автопати одеднаш е голем предизвик кој придонесе да бидат ангажирани над 1000 работници. Изградбата на патиштата ќе продолжи и оваа година. Освен автопатите, ќе се градат и пет регионални и еден експресен пат со должина од 83,4 км, како и седумдесетина локални патишта со вкупна должина од 125 километри. Освен патишта, во делот на инфраструктурата во Република Македонија во тек е изградба на пругите кон Бугарија и Албанија, реконструкција на железничките станици низ земјата, а се инвестира и во нови училишта, болници, енергетски објекти, индустриски зони. 

Исто така, во тек е изградба на гасна инфраструктура. Според предвидените планови, гасификацијата на градовите во државата треба да почне идната година, а до 2022-та година Македонија треба да има целосно изградена гасоводна мрежа. Во овие рамки, ќе продолжи политиката на зголемување на капиталните инвестиции за реализација на крупни инфраструктурни проекти. Овие проекти на краток рок го раздвижуваат градежништвото, кое стана основен генератор на растот на бруто домашниот производ, како и преку 20 индустриски гранки кои се поврзани со градежната активност. На долг рок пак, инвестициите во патишта, пруги, енергетски и други слични објекти се значајни за подобрување на конкурентноста на македонската економија. Покрај капиталните инфраструктурни проекти, значајно за економскиот раст е и привлекувањето на странски компании кои би инвестирале во нашата држава. За таа цел, започна проект за континуирано промовирање на Република Македонија како бизнис дестинација. Формиран е тимот Македонија со кој континуирано се реализираат инвестициски форуми, при што се посетени повеќе градови во повеќе држави. Назначени се и 30-тина промотори во 21 земја со цел презентација на бизнис климата во Република Македонија која нуди многу предности за странските фирми кои сакаат да го прошират својот бизнис. Исто така, основани се технолошко - индустриски развојни зони на повеќе локации низ Македонија во кои за странските инвеститори кои сакаат да инвестираат се нудат најатрактивни пакети на мерки во Европа. Напорите за привлекување на странски инвестиции и условите за водење бизнис што се нудат во нашата држава дадоа резултат. Во Република Македонија работат голем број реномирани странски фирми.

Главен двигател на реформите во сите области кои се имплементираат во Република Македонија секако е пристапувањето кон Европската унија. Во последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјата е констатирано дека Република Македонија има постојан напредок во полето на економијата. Република Македонија досега оствари доста развојни проекти и активности, а и во иднина ќе се работи на поттикнување на конкурентноста, истовремено овозможување подобри услови за локалните бизниси, како и креирање повеќе и подобри работни места. Главната цел на сите реформи е што поголем дел од граѓаните на Република Македонија да ги користат придобивките од одржливиот раст.

Благодарам на вниманието.

Click