Собраниско раководство

Вторник, 3 март 2015 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на свечена академија по повод одбележувањето на 70-годишнината од Првиот црковно-народен собор

Почитуван архиепископ на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, г.г. Стефан,
Почитувани наши црковни великодостојници,
Почитувани екселенции,
Почитувани гости,
Дами и господа,

На самиот почеток дозволете сосема искрено да ви се заблагодарам за вашето присуство, со што можеме најдостоинствено да го одбележиме овој исклучително важен црковен, но, секако, и државен јубилеј.

Настаните како овој ни овозможуваат да се сплотиме спомнувајќи си на силната саможртва на нашите предци.

Нашите национални херои, подучувајќи ја нацијата во верата, истовремено ја градеа државата.

Важноста на празниците за еден народ се состои во освежување на народното паметење.

Оддавајќи им почит на оние што несебично се жртвувале, поставуваме стандарди согласно кои некој друг ќе го цени нашиот ангажман и посветеност.

Македонија ја нема својата смисла без Македонската црква, како што ниту Македонската црква не може да постои без македонската држава.

Така било!    
Така е!
Така и ќе биде!

Македонија и Македонската православна црква можат и ќе успеат единствено како два дела од едно цело, како симфонија  - грижејќи се и меѓусебно помагајќи си.

Драги пријатели,

Пред точно 70 години, се одржува Првиот македонски црковно-народен собор.

Пред точно 70 години, за прв пат, делегати и претставници на македонскиот народ од сите краишта на слободна Македонија ја искажуваат својата подготвеност за создавање на Македонска православна црква преку обнова на старата Охридска архиепископија.

На Соборот е утврдена вековната желба на македонскиот народ за воспоставување на македонска самостојна црква која нема да биде потчинета на ниту една национална црква.

На овој собор се носи историска одлука Македонската православна црква да има свои македонски епископи и свое македонско свештенство.

На овој начин и никако поинаку, се афирмираше и се утврдуваше посебноста и самобитноста на македонскиот народ и на државата што тој ја создаваше.

Со овој собир, прв пат, сосема отворено ѝ се пркосеше на инородната црковна окупација.  

Беше извојувана една голема победа и против дел од странските пропаганди кои векови наназад го делеа македонското национално ткиво.

Македонија го означи почетокот на една вистинска национална победа!

Светот дозна дека тука постојат луѓе кои земајќи ги работите во свои раце, одлучно влегуваат во битката за возобновување на својата света црква.

Им беше стеснет просторот на странските слуги и соработници.

Започна да никнува од пепелта нашата света македонска црква.

Сеќавањето за овие битки еднакво силно важат и денес кога гледаме дека предизвиците никако да престанат.

Македонија како и пред 70 години, се соочува со слични проблеми.

Сепак, народното паметење е тука за да нè потсети дека единството е основата на секоја победа.

Почитувани дами и господа,

Низ целата македонска историја, нашата света црква е столбот на кој се потпираме.

Уште во отоманските времиња, Македонската црква е националното средиште во кое нашиот народ се образова и се организира; се обединува и се крепи; се утешува и се насладува.

Впрочем и нашиот најголем национален успех - илинденското востание започнува со чукањето на црковните камбани и со сесрдниот ангажман на нашиот верен македонски народ.

Сепак, наспроти ова – за жал нашата национална историја забележува и периоди кога цивилните власти немаат позитивен однос кон верата и кон црквата.

Во периодот по завршувањето на Втората светска војна, на овие простори започна да се гради цивилно уредување кое ја забрануваше црквата како институција, религијата како учење, молитвата како извор на надеж.

И во ова време, Македонската црква ја презема улогата на чувар и на просветител.

Во овие антиверски времиња, Македонската црква, како секогаш во историјата, одолева на сите искушенија, останувајќи на висината на својата задача.

Драги пријатели,

Историјата нè учи дека зад негаторскиот однос кон македонската православна црква, стои подлабок политички мотив.

Денес, иако живееме во слободно, демократско и секуларно општество, не смееме да ја занемариме улогата која Црквата ја игра во моралното и во духовното издигнување на еден народ.

Додека низ историските премрежја црквата беше таа што ја даваше неопходната поткрепа во борбата за создавање на Македонска држава, денес, државата има должност да помогне во расчистување и решавање на неправдите со кои се соочува нашата света црква.

Денес, како што сме сите сведоци, историјата се повторува.

Македонската православна црква повторно е негирана и непризнаена.

Денес, македонската политика има должност да се одважи и да ја понуди сета своја помош, во решавање на овој децениски спор.

Дами и господа,

Во Република Македонија векови наназад живеат и соработуваат луѓе кои припаѓаат на различни вери и нации, кои како слободни граѓани имаат простор во целост да ја развиваат својата култура и поглед на светот.

Македонската православна црква, низ годините, но и денес, продолжува да биде еден од иницијаторите за градење на нови мостови помеѓу сите верски и национални заедници во нашата татковина.

Организирајќи конференции за развој на меѓурелигискиот дијалог и преземајќи други активности, нашата црква, непрекинато помага во зближување на различностите и во градењето на се похармонично општество.

Во Република Македонија, граѓаните, иако се молат на различни богови, иако учат од различни верски книги, сепак, сите заедно живеат во мир, слога и разбирање.

Наша должност како политичари, но и на самите верски заедници е да продолжат уште повеќе да го афирмираат тој благороден дух на разбирање и на љубов помеѓу сите граѓани на нашата татковина.

Иако верскиот композит на македонското граѓанство е хетероген, сепак постои еден обединувачки фактор кој не смее да биде заборавен – тоа е бездруго мирот и соработката.

Како совесни граѓани на нашата татковина, но и како добри верници не смееме да дозволиме овие два принципа да бидат запоставени.

Сепак, за голема жал, сведоци сме дека во светот постојат сили кои ги газат овие принципи.

Сведоци сме на сè поголема верска нетолеранција и анимозитет.

Сведоци сме на сè поголема поделеност и радикализација на групи кои се дефинираат со различни религии или религиски подгрупи.

Македонија мора да биде изземена од овие процеси.

Граѓаните на Македонија знаат да одолеат на овие радикални искушенија кои предизвикуваат само бес и револт, а носат хаос и солзи.

Неодамна, светот беше шокиран од немилите настани во Париз, кога група на радикални терористи го нападнаа седиштето на сатиричниот весник.

Македонија со години успева да остане имуна на вакви инциденти.

Македонија мора да продолжи да ги негува различностите, да го негува дијалогот и да не остава во ниту еден момент простор за ширење на меѓу религиска омраза.

Толеранцијата не смее да биде разбрана како слабост и како попуштање или како губење на своето.

Толеранцијата е ништо повеќе од почитување на заедничкото.

Културниот натпревар не треба да биде сведен на наметнување на моето врз твоето, туку како надополнување на нашето!

Меѓусебното разбирање во нашите различности е она што не прави единствени!

Почитувани присутни,

Соочени со предизвиците и влијанијата што доаѓаат од надвор, брзиот начин на живот и бурното секојдневие, Македонската православна црква, има јасна обврска да продолжи еднакво силно да го чува и да го надградува народниот морал.

Таа и ден денес служи како утеха и извор на надеж на милиони православни верници.

Македонската православна црква и посветените божји слуги во нејзините храмови, поаѓајќи од традиционалните вистини нудат одговор на горливите прашања за вистинските модалитети на живеење и вредностите кои треба да се негуваат, во време кога искушенијата се сè поголеми.

Македонската православна црква, мора и понатаму да остане посветена на оваа задача во градењето на светла и хармонична иднина на нашата држава. 

Живееме во време во кое декадентните појави не може да бидат целосно отстранети.

Традиционалното семејство е под сè поголема закана од новите антиверски и антиморални деривати.  

Македонската православна црква мора да ја изигра својата улога на цврста непробојна морална брана која ќе ги заштити традициите и вредностите во време кога секојдневно се нагризуваат.

Драги пријатели,

Пред точно седумдесет години, во присуство на над триста делегати, свештеници, претставници на народната власт и на Народниот фронт, за прв пат автентично е искажано расположението на македонскиот народ од сите краишта на слободна Македонија за создавање на Македонска православна црква преку обнова на старата Охридска архиепископија.

Денес кога нашата света црква активно дејствува на сите полиња, ми останува само најискрено, од душа, да посакам сè најдобро.

Посакувам бог на сите да ни даде сила и мудрост да се носиме со предизвиците за доброто на нашата света црква,

Нашиот народ и нашата татковина – Република Македонија.

Нека е вечен споменот за првиот црковно народен собор.
Нека е вечна и од бога благословена нашата света црква.
Нека е вечна нашата татковина, Република Македонија.

Благодарам.

Click