Собраниско раководство

Петок, 16 октомври 2015 година, Будимпешта, Унгарија

Обраќање на претседателот Вељаноски на 7. Конференција на претседатели на Парламенти на земјите од Западен Балкан, на тема: „Актуелни безбедносни предизвици во Југоисточна Европа - можни решенија“

Почитувани колеги,
Дами и господа,

Актуелните состојби на глобално ниво, организираниот криминал, тероризмот, сеуште присутните идеи за големи национални држави, ирационални блокади како што беше онаа неодамнешната помеѓу Република Хрватска и Република Србија, а за блокадата на мојата држава од нашиот јужен сосед која трае 24 години не треба потворно да потсетувам, сето ова според мене се најголемите безбедносни предизвици со кои се соочуваме во регионот, но и пошироко.

Секако во моментов за регионот, но и за Европа во целина, најголем безбедносен предизвик е бегалската криза која доаѓа од Блискиот Исток (Сирија, Ирак, Авганистан) и уште некои држави кои се зафатени со воениот конфликт. Според податоците до сега во Европа дошле над 600 илјади бегалци. Органите на Република Македонија досега имаат регистрирано над 200 илјади бегалци кои доаѓаат од Грција и кои преку Република Македонија транзитирале кон Запад. Сите тие од страна на нашите органи ги имаат добиено потребните документи кои ги налага меѓународното право.  Многу од нив кај нас влегуваат без никаков документ иако поминале низ држава членка на Европската Унија. Факт е дека нивна посакувана дестинација е пред сѐ Германија и некои други заподноевропски држави. 

Како да се одговори на овие предизвици, како да им се помогне на овие луѓе кои маката, односно борбата за голиот живот ги натерало на ваква голгота. Да потсетам дека низ Македонија досега транзитирале над 10 проценти бегалци од вкупниот број на жители. Верувајте за да се справиме со сите овие луѓе треба организираност, треба знаење, треба перманентна логистика и секако треба средства. И кога сме кај потребните средства, Европската Унија неодамна оддели 17 милиони евра за Република Македонија и Република Србија како помош за бегалската криза. Верувам дека сите ќе се сложите дека оваа сума најблаго речено го потценува проблемот со кој Република Македонија, а секако и Република Србија се среќаваат секојдневно, справувајќи се со вистинска река на бегалци.  

Почитувани пријатели,

Солидарноста, а со тоа и хуманоста се универзални цивилизациски вредности. Не треба да потсетувам дека Европската Унија се темели токму врз принципот на солидарност. Но, истовремено сите ние имаме обврска и во рамките на своите држави, но и на ниво на Европа да се заштитиме од сите безбедносни предизвици кои директно или индиректно се поврзани со бегалската криза. Само да потсетам дека неодамна и канцеларот на Германија, госпоѓа Меркел изјави дека сите ние мораме да ги зачуваме европските граници. Секако за ова е потребна заедничка соработка, пред сѐ редовна размена на информации на надлежните институции кои се поврзани со безбедносни предизвици, односно обезбедување на висок степен на контрола на овој огромен бегалски бран кој по се изгледа ќе продолжи. Истовремено, меѓународната заедница мора да помогне да се изнајде решение за мир во државите од каде што доаѓаат бегалците, што е предуслов овие луѓе да имаат нормален живот во своите држави.

Секако оваа бегалска криза е директно предизвикана од активностите на таканаречената Исламска држава, односно од исламскиот радикализам кој реално нема ништо заедничко со исламот како религија. Треба да се има во предвид дека во редовите на борците на Исламската држава има граѓани од регионот, но и пошироко од многу европски држави. Не треба човек да е експерт за да знае дека овие луѓе, утре можат да претставуваат сериозна закана за безбедноста на секоја европска држава. 

Република Македонија и надлежните институции и органи многу одговорно се посветени токму на овие прашања и предизвици. Меѓу другото, донесен е Закон врз основа на кој учеството на наши граѓани во воени или паравоени формации на други држави или пак регрутирањето на борци за овие намени се смета како тешко кривично дело. Да потсетам дека неодамна кај нас имавме сериозен инцидент со една ваква терористичка група и тоа во градот Куманово. Нашите безбедносни сили, иако стануваше збор за густо населена градска населба, успеаjа да ја неутрализираат целата група без да настрада ниту еден цивил, но за жал имавме загуби во редовите на нашите безбедносни сили. Ова го споменувам поради фактот дека некои од припадниците на оваа група биле тесно поврзани со исламскиот радикализам и учествувале во борбите во Сирија на страна на Исламската држава.   

И повторно само по себе се наметнува прашањето каква е соработката меѓу државите, а во тие рамки на безбедносните структури, токму за овие прашања. Верувам дека кај сите нас продира свеста дека овој тип на радикален тероризам не прави разлика ниту врз етничка припадност ниту по држава или религија. Негова основна цел е да шири страв и да создава несигурност кај граѓаните. Затоа било која терористичка акција во една држава не е само закана за нејзината безбедност, не создава страв и несигурност само кај нејзините граѓани, туку има негативно влијание, како во регионот, така и пошироко. Токму затоа интеграцијата на Република Македонија во НАТО Алијансата која ја заслуживме уште на Самитот во Букурешт, не е само бенефит за безбедноста на мојата држава и нашите граѓани, туку и за целиот регион, односно за цела Европа. Да потсетам дека Армијата на Република Македонија без разлика на блокадата на нашето членство во Алијансата, активно учествуваше и учествува во многу меѓународни мисии за мир и стабилност во одредени држави, како што беше нешето учество во Ирак. Денес Република Македонија има испратено припадници на Армијата во мировните мисии во Авганистан, Босна и Херцеговина и ред други.

Дами и господа,

Глобализацијата како процес покрај многубројните бенефити носи и одредени безбедносни ризици. Организираниот криминал многу вешто знае да се прилагоди и да ги злоупотреби овие глобални процеси. Понатаму, се повеќе станува актуелен таканаречениот сајбер тероризам, кој во моментов можеби не е толку присутен во регионот и во Европа, но сигурно и тоа нема да не одмине. Мислам дека на сите овие безбедносни предизвици една држава сама неможе да одговори и да се заштити. Затоа е потребна соработка меѓу сите држави од регионот, но и на ниво на Европа. Затоа е потребно процесот на интеграција на државите од Југоисточна Европа во Европската Унија и НАТО да продолжи без да има апсурдни блокади. „Цело е кога има се“ - често пати слушаме од многу политичари. Ајде сите заедно таа целина да ја заокружиме да биде навистина убава. Да ја направиме Европа многу посилна, не мислам воено, туку со своите вредности на демократија, на почитување на човековите права, со своја разнолика, но сепак заедничка европска култура, со својот економски потенцијал, но и со инвентивноста, креативноста, па ако сакате и немирен дух кој напривил огромни чекори напред во светската цивилизација. Верувам дека за таква Европа сонувале Шуман, Черчил, Де Гол и ред други великани на денешната Европа. Од нас зависи дали тоа ќе го оствариме и ќе надминеме некои стари предрасуди, стереотипи или егоизам, кој за жал е сеуште присутен.

Ви благодарам за вниманието.

Click