Собраниско раководство

Понеделник, 7 септември 2015 година

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод 8 Септември - Денот на независноста

Почитуван претседател на Република Македонија,
Почитувани пратеници од првиот состав на Собранието на Република  Македонија,
Почитувани колеги пратеници, министри, претставници на верските заедници,
Ваши екселенции,
Дами и господа,
 
Пред дваесет и четири години граѓаните на Македонија на референдум се изјаснија за своја самостојна држава. Референдумот од 8 септември 1991 година е нашата најголема современа победа, а изразената волја на граѓаните претставува заокружување на стремежите, принципите и сонувањата на генерациите од двата Илиндена. Затоа, посебно сакам да изразам благодарност до граѓаните на Република Македонија кои во тие турбулентни времиња пред 24 години масовно излегоа и со својата слободно изразена волја ги поставија темелите врз кои 24 години успешно ја градиме Република Македонија. Во истовреме, сакам да изразам благодарност до пратениците од првиот состав на Собранието на Република Македонија кои оваа изразена волја на граѓаните ја преточија во Устав и закони односно го поставија уставно-правниот систем на државата.
 
Почитувани пријатели,

Во овие 24 години верувам дека се направени многу позитивни работи кои се во корист на нашите граѓани. Без разлика дали станува збор за економскиот развој, или било кој друг сегмент од нашето секојдневие, како што е на пример образовниот систем, здравствениот систем и социјалната заштита, културното живеење, па се до вкупниот општествен или личен стандард, можеме да констатираме дека имаме позитивни трендови. Дали можеше повеќе и подобро? Да, секогаш може. Но сепак, мислам дека на ова може подобро да се одговори од една историска дистанца, односно да оставиме да не оценуваат генерациите кои доаѓаат после нас. Верувам дека сите ќе се сложиме дека успесите многу полесно ги правиме кога имаме висок степен на единство околу конкретни прашања, без разлика дали станува збор за внатрешни прашања или за остварување на стратешката цел, интеграција во ЕУ и НАТО.
 
Почитувани,

Во овие 24 години на самостојност како мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество создадовме услови за целосна рамноправност на сите етнички заедници за зачувување на нивниот идентитет. Верувам дека денеска, без разлика дали сме Македонци, Албанци, Роми, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Република Македонија ја чувствуваме како своја татковина. И убеден сум дека и понатаму ќе продолжиме во тој правец бидејки токму тоа наше заедништво на различности не прави многу посилни и по препознатливи на меѓународната сцена.

Во овие 24 години и покрај сите пречки и блокади Република Македонија и понатаму активно продолжува да биде фактор на стабилност и конструктивност во регионот. И поради нас самите, и поради евроинтегративните процеси, овде во законодавниот дом и во целина, продолжуваме да ги правиме потребните реформи и усогласувања. Повторно е потребно политичките разлики и судири да се подредат на клучните државни прашања. Нема поголема причина за единство, од Македонија и од иднината на нашите граѓани!

И токму со овој историски факт дозволете ми на крајот на сите граѓани на Република Македонија и на сите вас да го честитам 8 Септември.
 
Нека ни е честит и вечен утрешниот празник!

Нека е вечна Република Македонија!
Click