Собраниско раководство

Сабота, 10 октомври 2015 година

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод државниот празник 11 Октомври

Почитувани дами и господа,
Драги пријатели,

Одбележувајќи го утрешниот ден, го исполнуваме вековниот цивилизациски аманет да ги славиме делата и успесите.
Да ги одбележуваме настаните на нацијата!
Да си спомнуваме на нашите сограѓани, борците на Македонија!
Да ги славиме битките и триумфите.
Да се навраќаме на жртвите и на херојствата.
Да простиме, но и да се сеќаваме.
11 октомври е еден таков важен ден за нас како народ и како држава.
Тоа е денот на народното востание кога македонската земја мораше да биде натопена со крв за да може да изникне слободата.
За да може да изникне правдата!
За да може да се роди државата Македонија!
Македонските партизани со своите дела и пожртвуваност, од најцврст гранит ја соѕидаа македонската држава!
Под црвеното знаме на слободата беа водени херојските битки сè до нивниот победоносен крај!
Под бајракот на жолтата петокрака или на златножолтиот лав беа совладувани дури и најтешките предизвици и искушенија.
Македонија стана слободна!
Македонецот ги искина оковите на подаништвото, станувајќи свој на своето.
Конечно се роди новото сонце на слободата!
Сите страдања, ропства и национални трагедии, добија своја смисла.
Целиот мрак на подаништвото беше заменет со светлината на слободата.

Дами и господа,
Драги пријатели,

Делата на македонските партизани се неизбришлива трага во македонската историја.
Делата на борците на Народноослободителната војна се основата на сите подоцнежни македонски триумфи и победи.
Конечно, поради делата на овие синови и ќерки на Македонија, денес сме независни, суверени и самостојни како народ и како земја.
Да бидеме горди и да ги прославуваме сите важни триумфи и национални настани.
Немаме вишок историја, ниту вишок победи!
Немаме настани, историски периоди или личности за фрлање!
Напротив!
Кон сите периоди од нашето минато ќе се однесуваме со достоинство и со почит.
Нема поголеми и помали жртви за Македонија!
Нема поголеми и помали идеологии за Македонија!
Нема поголеми и помали херои за Македонија!
Сите сме Македонија и Македонија е за сите.
Да ги славиме делата на ВМРО и на Илинденците, исто онака како што го прославуваме херојството на партизаните.
Да манифестираме единство во однос на нашето минато, бидејќи тоа е основата на единството што треба да го покажеме градејќи ја нашата иднина!
11 Октовмри;
23 Октомври;
2 Август или 8 Септември,
се подеднакво значајни историски меѓници на единствената и заедничка Македонија.
Нивниот заеднички именител е зборот Македонија, а нашиот одговор кон тоа треба да биде зборот единство.
Да покажеме дека сме единствени кога станува збор за историјата на Македонија.
Да покажеме дека сме единствени кога станува збор за големите државни прашања.
Македонија најмалку што заслужува е нашето единство и лична одговорност кон неа и за неа.
Да ѝ го дадеме тој неопходен минимум на Македонија, а да настојуваме да ѝ се одолжиме уште повеќе.

Драги пријатели,

Република Македонија го живее сонот на партизаните и на Илинденците.
Ние, нивните синови и ќерки, ја добивме во наследство нашата татковина.
Нашите предци ја извојуваа слободата и започнаа да ја градат државата.
Денес, ние сме должни да ја надградиме и да ја унапредиме Македонија.
Предизвиците со кои се соочуваме мораме да ги совладаме.
Друг избор за нас не постои.
Да се откажеме не е опција за Македонија и за нашите граѓани.
Имаме сила и доволно голема државотворна свест за да се носиме со проблемите со кои се соочуваме.
Мораме да продолжиме да ги јакнеме демократските темели на Македонија.
Мораме да продолжиме да ја развиваме нашата татковина.
Денес, кога сме длабоко навлезени во третата деценија од нашата независност, мораме да продолжиме уште пожестоко на патот на развојот.
Предизвиците се составен дел од животот.
Проблемите постојат за да бидат решени.
Друг избор нема.
Поинаква опција не постои.
Сите поединечни идеи и планови се топат пред големата идеја за нашата татковина - Македонија.
Секоја партикуларна идеја или тесен партиско-политички интерес е осуден на пропаст и на историски потсмев доколку ѝ штети на Македонија.
Сè што е спротивно на идејата за демократска и развиена Македонија, ќе биде дел од ѓубриштето на историјата, кое ќе служи единствено како пример како не треба да се постапува кон нешто што е толку важно и свето, како што е важна и света нашата татковина, Република Македонија.

Драги пријатели,

Македонија одбележува неколку свои национални триумфи во светло на политичката криза со која се соочуваме од почетокот на оваа година.
Во оваа смисла, сакам и денеска, како и претходно, да го манифестирам моето убедување дека имаме сила да го надминеме овој предизвик, како што надминувавме многу други такви предизвици во минатото.
Граѓаните имаат сила да надминат сè, па и оваа состојба.
Времето ќе помине.
Чадот ќе се спушти.
Бомбите ќе стивнат.
Емоциите ќе се надминат.
Многу работи ќе се вратат во своите природни тежишта.
Меѓутоа, една работа ќе остане до крајот на времето.
Тоа е вистината!
Вистината, која како одраз во огледало, ќе се вреже во вечноста.
На гранитниот камен на македонската историја ќе се исклесаат за да останат засекогаш, светлите и темните настани.
На гранитниот камен на македонската историја ќе се исклесаат и имињата на актеритe – но, времето ќе покаже чие име и презиме ќе биде за признание, а чие за простување.

Драги пријатели,

Секоја политичка цел и секоја политичка кариера е крајно минорна доколку цената за нејзиното остварување е на штета на Македонија.
Ниту една политичка одлука нема да има смисла во вечноста доколку жртвата била татковината.
Ништо наше поединечно како личности или како членови на партии не е добро, ниту исправно доколку со тоа ја подриваме Македонија.
Ова е единствената вистина.
Ова е единствениот исправен пат.
Да не се залажува некој дека ќе се протне незабележано од судот на народот.
Затоа, како личност, но и како претседател на Македонското собрание, повикувам уште еднаш да се обединиме зад татковината.
Тоа е единствениот сигурен, едноставен и најкраток пат!
Повикувам на единство и на искреност!
Повикувам на сеопшто обединување зад големата идеја на Македонија!
Повикувам на национален и на државен консензус!
Ваквиот повик ги содржи сите елементи на еден искрен и човечки однос.
Политиканството во сериозни моменти е кукавичлук!
Ова време не е тоа време!
Да бидеме одговорни и да покажеме дека сме сериозни луѓе!
Постојат морални вертикали на исправното и на доброто кои се длабоко врежани во генетскиот код на луѓето.
Тие се непроменливи и вечни бидејќи се израз на нашата човекова природа.
Да се навратиме на содржината на таквите морални, етички, односно општочовечки норми.
Секој треба да го заврши својот дел од работата најдобро што може.
Власта има свој дел од обврските, но и опозицијата го има својот дел.
Целта и на власта и на опозицијата траба да е една – тоа е татковината Македонија.
Сите наши постапки се мерат согласно со оваа цел.
На овој 11 Октомври, кога се сеќаваме на периодот од Втората светска војна, да се повикаме на позитивните примери од нашата историја.
Да се сетиме дека под знамето на слободата, еднаква жртва дадоа и претставниците на левицата, но и на десницата;
Да се сетиме дека заедно во битка со непријателот учествуваа Македонците, но и Албанците, Турците, Ромите, Србите и останатите;
Да запомниме дека жртва на ропството беа христијаните, но и муслиманите или Евреите.
Да ни се вреже во колективната меморија дека сите страдавме заедно, но и сите заедно рамо до рамо се боревме и се изборивме за слободата.
Тоа е вистината!
Тоа е реалноста!
Да не дозволиме денес да ја испишеме најновата македонска историја со лоши примери на неединство и на конфликтност.
Да не дозволиме конфликтите помеѓу левицата и десницата на македонското револуционерно движење од периодот помеѓу двете светски војни да бидат одлика и на денешното време.
Да не дозволиме кодошењата од периодот на педесетите години на 20. век, поради кои беа полнети затворите на Голи Оток, да најдат свој израз во денешнината.
Mакедонија денес е демократска, стабилна и просперитетна држава.
Македонија денес е држава со изразени амбиции.
Народот е желен да се докаже пред светот и ќе истрае на тој пат.
Денешните нови битки се водат околу прашањата на информатичката технологија.
Денешните нови битки се водат околу прашањата на економскиот развој и на странските инвестиции.
Денешните нови битки се однесуваат на квалитетот на животот и на нивото на демократијата.
Македонија е решена да ги добие овие нови битки.
Македонија е решена да ги надмине проблемите, бидејќи целта е преголема.
Подобриот живот и светлата иднина на нашите деца немаат цена.
Иднината на нашите деца е оној бесконечно силен мотив заради кој ќе надминеме сè и ќе совладаме сè.

Драги пријатели,

Почитувани сограѓани,
Жртвата на хероите на Македонија беше слободата.
Таа беше извојувана и остварена.
Македонија како самостојна и како суверена држава застана рамо до рамо со останатите народи и држави во светот.
Тоа е израз на нашата големина и достоинство.
Господ допушти народот на Македонија да има своја држава.
Молитвите на македонските мајки беа услишани.
Меѓутоа, бог ни ги допушти и овие денешни политички предизвици со кои се соочуваме за да покажеме дека имаме сила да истраеме и дека знаеме да се носиме со нив.
Да бидеме одговорни личности со „сите нишани“ и самите да ги решаваме проблемите.
Високо ја цениме помошта на нашите меѓународни пријатели во овие моменти.
Благодариме за нивната вклученост и поддршка да се надмине политичката криза.
Тоа за нас е практичен израз на пријателството и на соработката што ја имаме.
Меѓутоа, не смееме да дозволиме оваа состојба да продолжи во недоглед.
Македонија беше создадена за да биде држава, а не за да биде протекторат.
Да ги решиме отворените прашања заеднички со помош на нашите меѓународни пријатели, за да не ни се повторуваат овие нешта во иднината.
Да излеземе посилни и поединствени од оваа криза!
Да ги зајакнеме темелите за да може Македонија да излезе уште поцврста и уште подемократска држава.
Кога веќе се доведовме во состојба да ни биде потребна помош отстрана, да го искористиме тоа за да ги надминеме нашите слабости.
Во оваа криза треба да ја најдеме шансата за Македонија.
Шанса – која ќе нѐ направи подемократски, поединствени, пообединети и поблиски до НАТО, до Европската унија и до Соединетите Држави.
Народот низ историјата до денес страдаше и се бореше за своја држава за да може самиот да одлучува за своите работи и за својот живот.
Не смееме да се откажеме од таквата одговорност!
Не смееме така лесно да се откажеме од таквата привилегија!
Мораме да изнајдеме сили и да разговараме самите меѓу себе!
Јасно да кажеме дека благодариме на сечија помош досега, но дека мораме самите да се договориме како луѓе.
Македонија не заслужува вакво нешто.
Не смееме да дозволиме поради нашите политички разлики, да ја релативизираме силата на државата.
Да ги вратиме работите во своето природно тежиште.

Драги пријатели,

Почитувани сограѓани,
Сите носиме подеднаква одговорност за Македонија!
Да покажеме дека сме сплотени и дека имаме сила да искачиме уште поголеми врвови, храбро соочувајќи се со предизвиците што доаѓаат.
Нашите политички разлики мора да исчезнат пред важните државни прашања!
Единството на сите партии мораме да го афирмираме уште повеќе!
Да се ангажираме уште повеќе во остварувањето на целта за интеграција на Македонија во НАТО и во Европската унија;
Да го развиваме и да го унапредуваме сојузништвото со Соединетите Американски Држави.
Да продолжиме да ги развиваме меѓуетничките односи и соживотот на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите и Бошњаците.
Да продолжиме да ја развиваме економијата и да го јакнеме животниот стандрад.
Да ја развиваме демократијата, слободата и да воспоставуваме нови врски со слободниот и демократски свет.
Граѓаните очекуваат од нас сплотеност и соработка.
Нема поголема причина за заедништво од иднината на нашите граѓани!
Нема поголем повод за таква јавна манифестација од 11 Октомври!
Да живееме во мир со себе, со нашите ближни и со оние кои се различни од нас.
Да бидеме добри христијани и добри муслимани.
Да продолжиме уште повеќе да ја сакаме земјата на нашите огништа, бидејќи таа е единственото место во овој свет кое можеме да го наречеме наш дом.
Да им се радуваме на нашите поколенија, кои се иднината на оваа земја, бидејќи сè што правиме е бесполезно доколку немаме на кого тоа да му го оставиме.
Нека ни е честит 11 Октомври.
Нека е вечна и од бога благословена, нашата татковина, Република Македонија!

Благодарам.

Click