Собраниско раководство

Понеделник, 27 април 2015 година

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод одбележување 110 години од смртта на Никола Карев

Дами и господа,
Почитувани,
Посебна чест претставува можноста да се говори за разните аспекти од нашата славна македонска историја.
Посебна чест заради големината на делата што ни ги оставија нашите херои, но уште повеќе заради приликата - потсетувајќи се на минатото – да влечеме поуки за сегашноста и за нашата иднина!
Македонија немаше да биде тоа што е денес, доколку немаше луѓе што дадоа лична саможртва пред олтарот на слободата.
Генерации јунаци од сите историски епохи и од сите краишта на нашата напатена татковина се вградија во темелите на нашата државотворна независност.
Нивните дела инспирираат!
Нивната жртва восхитува!
Нивниот патриотизам замислува!
Затоа единствениот исправен пат кон посветлата иднина е преку свесноста и славењето на нашето минато национално дело.
Мораме да ги паметиме светлите настани од македонската историја, бидејќи тие нé мотивираат да правиме нови приближно такви подвизи во иднината.
Битките во минатото се основата на денешните наши битки.
Крвта и саможртвата на илинденците е основата на борбата на македонските партизани.
Победата, пак, на партизаните е основата на современа независна Македонија.
Да направиме сé, ние денес што ја создаваме нашата историја, нашите дела да бидат основа на успесите на генерациите што доаѓаат.
Да дадеме сé од себе и да гледаме напред!
Да ја градиме денешна Македонија како економски развиена, стабилна држава, членка на Европската унија и на НАТО.
Да ја градиме денешна Македонија во која Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Власите, Бошњаците и сите други живеат заедно под сонцето на слободата.
Конечно, да ја градиме нашата Татковина во која сите заедно, независно од нашите разлики подеднакво ќе ја сакаме и ќе работиме за неа. 

Драги пријатели,
Дами и господа,
Денес одбележуваме 110 години од смртта на Никола Карев, еден од најсветлите ликови на македонскиот Прв Илинден и претседател на Крушевската Република.
Личност која со своето дело и својот живот се вгради во темелите на Македонската држава. 
Личност од кого и денеска треба да учиме како се сака сопствената држава и како се брани сопствениот македонски национален идентитет.
Дозволете да ве потсетам на писмото на Никола Карев до Гоце Делчев од 1902 година цитирам: “НЕ ТРЕБА ДА ЧЕКАМЕ ПОВЕЌЕ, ГОЦЕ. ВРЕМЕ Е ВЕЌЕ ДА СТАНЕМЕ И ДА СЕ БИЕМЕ. ДА НЕ ЧЕКАМЕ СЛОБОДА НИТУ ОД ГРЦИТЕ НИТУ ОД БУГАРИТЕ, АМИ САМИ НИЕ МАКЕДОНЦИТЕ ДА СЕ БОРИМЕ ЗА НАША МАКЕДОНИЈА, ШТО ЈА ЗАСИЛУВА ОРГАНИЗАЦИЈАТА МЕЃУ СЕЛАНИТЕ И ДА НЕ СЕ СПОМЕНУВААТ ТВРДЕЊАТА ДЕКА „СИТЕ МАКЕДОНЦИ РАБОТЕЛЕ ЗА ПРИСОЕДИНУВАЊЕТО НА МАКЕДОНИЈА КОН БУГАРИЈА ИЛИ ГРЦИЈА”. ШТО СЕ ОДНЕСУВА ДО МЕНЕ, НИКОЈ НЕ ЌЕ МОЖЕ ДА МИ ЈА ОДЗЕМЕ МОЈАТА ХРАБРОСТ И МОЈОТ ПАТРИОТИЗАМ....“ 

Почитувани пријатели,
За жал и после сто десет години од смрта на Никола Карев ние како Македонци сеуште сме присилени да се бориме за зачувување на нашиот национален идентитет, кој преку апсурдниот спор за името ни го оспорува нашиот јужен сосед.
За жал и во 21 век други не го признаваат македонскиот јазик и се измислува некаква дефиниција и го нарекуваат службен јазик дефиниран со устав, додека пак нашиот северен сосед не ја признава автокефалноста на Македонската Православна Црква Охридска Архиепископија.
Меѓутоа, македонскиот народ благодарејќи на Никола Карев и нашите познати и непознати Илинденци од 1903 година како и подоцна со борците од Народно Ослободителната Борба и нашиот втор Илинден од 1944 година - успеале да се изборат за македонска држава како татковина на македонскиот народ, но и на сите други етнички заедници со кои овде живееме со векови.
И кога зборуваме за Никола Карев верувам секој од нас веднаш ќе помисли и на Крушевскиот манифест - проглас што Карев како неформален, но фактички прв човек на Крушевската Република го испраќа до муслиманското население.
Дозволете да цитирам дел и од овој значаен документ. “НИЕ НЕ ДИГНАФНЕ ПУШКА ПРОТИФ ВАС - ТОВА БИ БИЛО СТРАМ ЗА НАС; НИЕ НЕ ДИГНАФНЕ ПУШКА ПРОТИФ МИРНИО, ТРУДОЉУБИВИО И ЧЕСНИО ТУРСКИ НАРОТ, ШЧО СЕ ПРЕРАНУАТ, КАКО НАС СО КРВАФ ПОТ - ТОЈ ЈЕТ НАШ БРАТ И СО НЕГО СНЕ ЖИВЕЈАЛЕ И ПАК САКАМЕ ДА ЖИВЕЈМЕ; НИЕ НЕ ИЗЛЕГОФНЕ ДА КОЛИМЕ И ДА ГРАБИМЕ, ДА ПАЛИМЕ И ДА КРАДИМЕ - ДОСТА НИ СЕТ ЗУЛУМИТЕ НА БЕЗБРОЈНИТЕ ДЕРЕБЕИ ПО НАШАТА СИРОТА И ОКРВАВЕНА МАКЕДОНИЈА; НИЕ НЕ ИЗЛЕГОФНЕ ДА ПОРИСЈАНЧУВАМЕ И ДА БЕСЧЕСТИМЕ ВАШИТЕ МАЈКИ И СЕСТРИ, ЖЕНИ И ЌЕРКИ; ТРЕБИТ ДА ЗНАЈТЕ ОТИ ВАШИО ИМОТ, ВАШИО ЖИВОТ, ВАШАТА ВЕРА И ВАШАТА ЧЕС НИ СЕ ТОЛКУ СКАПИ, КОЛКУ ШЧО НИ СЕТ СКАПИ НАШИТЕ...“ 

Почитувани пријатели,
Овие мисли и оваа идеја за заедничко живеење со другиот, различниот се напишани на самиот почеток на дваесетиот век кога во Европа преовладува нетрпеливоста до другиот, различниот.
Навистина сите ние граѓани на денешна самостојна Република Македонија треба да сме горди на овие исторски факти.
Треба да бидеме горди дека Никола Карев и другите Илинденци, а меѓу нив имало и од другите етнички заедници на самиот почеток на минатиот век размислувале за општество и држава во која пред сé и над сé ќе се почитува слободата на секој поединец без разлика на неговата етничка, верска или идеолошка припадност.
Или речено со денешен современ политички јазик се размислувало за вистинско граѓанско општество во кое ќе се почитуваат индивидуалните и колективните права и слободи на секој поединец и на секоја етничка заедница.
Токму затоа сакам да апелирам денеска кога повторно сме исправени пред многу сериозни предизвици, сите без разлика на нашата етничка или партиска припадност да се навратиме на корените на нашата државотворност и оттаму да ги црпиме идеите и потребната мудрост, но и одговорност за надминувањето на сите предизвици, за зачувување и развој на нашата мила и богата земја Македонија, како што се вели во Крушевскиот Манифест.
Да бидеме горди на наследството на Крушевската република.
Да ги славиме илинденците и нивното големо дело!
Да се инспирираме од биографијата и достигнувањата на архитектот на Крушевската република – великиот Никола Карев!
Да ја пренесуваме оваа славна вистина на денешните генерации, но и на тие што доаѓаат после нас!
Со љубов кон Бога да го всадуваме овој родољубив дух на нашите деца и на нашите семејства!
Да ја сакаме Македонија и да се инспирираме од нејзиното славно минато градејќи ја денешната историја.
Нека е вечен споменот за делото на Никола Карев!
Нека е вечен споменот за независна, суверена и самостојна Македонија! 

Ви благодарам за вниманието!

Click