Собраниско раководство

Вторник, 7 октомври 2014 година

Одржана Конститутивната седница на Секцијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Франкофонијата

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, денеска ја одржа Конститутивната седница на Секцијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Франкофонијата за новиот парламентарен мандат (2014-2018).

Секцијата ја сочинуваат пратеници кои се служат со францускиот јазик, а ова особено се однесува на меѓународните состаноци. Секцијата се основа заради учество во Парламентарното собрание на Франкофонијата и за размена на искуства со парламентите и органите на Организацијата на Франкофонијата и франкофонските земји.

Парламентарното собрание на Франкофонијата е претставничко собрание на Меѓународната организација на Франкофонијата и е нејзино консултативно собрание. Тоа е место за дебати и размена на информации во области кои се од заеднички интерес на сите држави. 

Парламентарното собрание оддржува редовни врски со Конференцијата на шефови на држави и влади на земјите кои го споделуваат францускиот јазик. 

Во Парламентарното собрание се претставени 81 парламенти на држави, покраини, региони и меѓународни оргнизации. 

Република Македонија се стекна со статус на асоциран член во Меѓународната агенција за Франкофонија на Осмиот самит одржан во 1999 година, а во 2000 година Собранието на Република Македонија беше примено за асоцијативен член на Парламентарното собрание на Франкофонијата. 

Секцијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Франкофонијата е основана во јануари 2001 година. Оттогаш, Делегацијата на Собранието на Република Македонија учествува во активностите на Парламентарното собрание на Франкофонијата, како што се редовните годишни сесии, регионалните европски сесии, седници на комисии, конференции, седници на Мрежата на жени парламентарки, седници на Парламентарната мрежа за борба против ХИВ/СИДА.

На денешната седница за претседател на Секцијата беше избран г. Џеват Адеми, а воедно беа избрани и потпретседатели, членови на Бирото на Секцијата и членови на Делегацијата.  

Click