Собраниско раководство

Среда, 4 јуни 2014 година

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ ГО ПРИМИ НОВОИМЕНУВАНИОТ АМБАСАДОР НА РЕПУБЛИКА ПОЛСКА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, Г. ЈАЦЕК МУЛТАНОВСКИ 

На почетокот, двајцата соговорници изразија задоволство за средбата, а претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, на амбасадорот на Република Полска, г. Јацек Мултановски му посака успешна работа во неговиот мандат. 

Претседателот Вељаноски, на средбата истакна дека Република Македонија и Република Полска имаат пријателска билатерална соработка, но е потребно да се зголеми интензитетот на остварени средби на сите нивоа. Исто така, стана збор и за значењето на парламентарната дипломатија за дополнително унапредување на добрите односи, преку официјални посети на претседатели и пратеници на парламентите на двете држави. 

На средбата се разговараше и за продлабочување на соработката во земјоделството, одбраната и во други економски сфери, за што амбасадорот Мултановски истакна дека Република Полска може многу да понуди. Тој истакна дека неговата држава и понатаму останува голем поддржувач на интеграцијата на Република Македонија во Европската унија и НАТО.

На крајот, претседателот Вељаноски ја потенцираше отвореноста на Собранието на Република Македонија за соработка, како и неговиот Кабинет, за континуирана комуникација и соработка со Амбасадата на Република Полска во Република Македонија.

Click