Собраниско раководство

Понеделник, 1 септември 2014 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ПРЕТСТАВНИЧКИОТ ДОМ НА ПАРЛАМЕНТОТ НА КАНАДА, Г. ЕНДРУ ШИР 

На покана на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски денеска во официјална посета на Република Македонија престојува Почитуваниот г. Ендру Шир, претседател на Претставничкиот дом на Парламентот на Канада.

На почетокот на средбата претседателот Вељаноски искажа огромно задоволство од можноста да биде домаќин на својот колега и благодарност за посетата на Република Македонија, напоменувајќи дека ваквите посети претставуваат потврда за блиските пријателски односи меѓу Република Македонија и Канада, кои секако и во иднина ќе продолжат да се развиваат. Двајцата соговорници се согласија дека парламентарна соработка е успешна и бележи континуитет во размената на парламентарни делегации, преку директни контакти и средби помеѓу парламентарните групи за соработка кои ги има во двата парламенти се придонесува за дополнително развивање на меѓусебните односи.

Претседателот Вељаноски на средбата изрази благодарност за признавањето на уставното име на Република Македонија од страна на Канада во билатералната комуникација, како и силната и континуирана поддршка за нашите Евро-атлански интегративни процеси како најважен политички приоритет на Република Македонија.

Претседателот на Претставничкиот дом на Парламентот на Канада, г. Ендру Шир на средбата изрази благодарност за топлиот прием во Македонија и можноста да се обрати пред пратениците на Собранието. Тој нагласи дека Канада високо го цени учеството на македонските војници во меѓународните мировни мисии и истакна дека Канада дава перманентна поддршка за членство на Република Македонија во НАТО.

На средбата соговорниците разговараа и за македонската заедница во Канада која претставува своевиден мост во вкупните билатерални, политички, економски и културни односи меѓу двете земји. Македонската заедница денеска е застапена скоро во сите општествени текови во животот во Канада, како политиката, економијата, науката и спортот.

Претседателот Вељаноски ја нагласи потребата големи компании од Канада да инвестираат во Република Македонија со што ќе се зголеми економската соработка. Тој истакна дека Република Македонија постојано работи на подобрување на условите за инвестирање во нашата земја.

Претседателот на Претставничкиот дом на Парламентот на Канада, г. Ендру Шир изрази задоволство што Република Македонија е на добар пат и има стабилна економија и покрај големата економска криза и се согласи дека има простор за подобрување на ваквата соработка помеѓу двете земји. Тој нагласи дека Канада е отворена кон потпишување на трговски договори за соработка и дека со ратификацијата на договорот со Европската Унија ќе се зајакне присуството на Канада на европските пазари што ќе има позитивен ефект и врз Македонија.

На средбата исто така стана збор и за потребата од либерализација на канадскиот визен режим кон Република Македонија, а во прва фаза укинување на визите за дипломатски и службени пасоши.

Click