Собраниско раководство

Сабота, 28 јуни 2014 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКА ТУРЦИЈА, Г. АБДУЛАХ ЃУЛ И СО ВСЕЛЕНСКИОТ ПАТРИЈАРХ ВАРТОЛОМЕЈ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, во рамкитете на официјалната посета на Република Турција, оствари средба со претседателот на Република Турција, г. Абдулах Ѓул.

Соговорниците изразија задоволство од денешната средба и од можноста да се придонесе кон традиционално добрите и пријателски односи меѓу Република Македонија и Република Турција, што е во интерес на двете држави.

Претседателот Ѓул ја потврди поддршката од Република Турција која нашата држава ја добива во однос на интеграцијата во европското семејство и НАТО и ја искажа својата лична заложба за Република Македонија што поскоро да добие членство во НАТО.

Претседателот Вељаноски изрази благодарност за силната и принципиелна поддршка од Република Турција на полето на евроатланските и европските интеграции на Република Македонија.

Претседателот Вељаноски истакна дека Република Македонија посветува особено внимание како на билатералните, така и на мултилатералните односи и останува посветена и одговорна членка на меѓународната заедница, која дава особен придонес во регионалната соработка и добрососедските односи, преку почитување и разбирање, доверба и конструктивен дијалог.

На средбата, двајцата соговорници се согласија дека во вкупните односи помеѓу нашите држави значајно место имаат и соработката во сферата на економијата, одбраната и културата. Беше изразено задоволство од досегашниот развој на економските односи меѓу двете земји и истакнат интерес за продлабочување на трговската и економската соработка.

Претседателот Вељаноски во рамките на дводневната официјална посета на Република Турција, денеска оствари средба со Вселенскиот патријарх Вартоломеј.

На средбата во Цариградската патријаршија, претседателот Вељаноски изрази благодарност и почит кон духовниот придонес кој Вселенскиот патријарх Вартоломеј го дава во целата православна екумена, на која ѝ припаѓа и македонскиот народ и Македонската православна црква - Охридска архиепископија.

Вселенскиот патријарх истакна дека ваквите средби се секогаш добредојдени, претставуваат огромна радост за Патријаршијата, и дека со задоволство се среќава со претседателот и со делегацијата од Собранието.

Тој, исто така, изрази надеж дека што поскоро ќе се изнајде решение за црковниот спор, како и искрени желби за решавање на спорот со името со цел уште повеќе да се подобри соработката.

Претседателот Вељаноски изрази убеденост дека само со дијалог, волја и почит може да се надмине секој спор, да се најде решение за секое прашање.

Претседателот Вељаноски пренесе поздрав до Вселенскиот патријарх од поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан и упати покана да ја посети Република Македонија, што би претставувало голема радост за македонските граѓани.

Од името на Собранието на Република Македонија, претседателот Вељаноски на Вселенскиот патријарх Вартоломеј му подари икона Пресвета Богородица.

Click