Петок, 31 јануари 2014 година
Четириесет и седма седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство
Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на денешната 47. седница, како матично работно тело во прво читање го разгледа Предлогот на законот за дополнување на Законот за земјоделското земјиште.
На седницата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Љупчо Димовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Тој ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.
Во дискусијата по Предлог-законот учествуваа пратениците: г. Борче Ставров, г-ѓа Ленче Николовска, г. Васко Пашовски и г. Драгиша Милетиќ.
На крајот, Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, со 7 гласа „за“ го усвои следниот Заклучок:
- Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Предлогот на законот за дополнување на Законот за земјоделското земјиште (прво читање); од гледна точка на потребата за донесување на законот, начелата врз кои треба да се заснова законот, основните односи што се уредуваат со законот и начинот на кој се предлага нивното уредување и согласно член 142, став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија оцени дека Предлог-законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.