Активности

Петок, 16 септември 2016 година

Размена на искуства за искористување на европските фондови

Во рамките на Интерпарламентарната конференција на тема: „Надзор  над ИПА фондовите: Успеси и предизвици", која во организација на Европскиот парламент се одржува денеска во Белград, учествува делегација на Собранието на Република Македонија, во состав, г-ѓа Лидија Димова, претседателка на Националниот совет за евроинтеграции и г. Сашо Василевски, член на Комисијата за европски прашања.

На Конференцијата, со која претседаваше претседателката на Одборот за европски интеграции, г-ѓ Маринка Тепиќ, беа разменети информации во врска со различните практики и искуства, во насока на подобрување на степенот на искористување на овие европски фондови.

Во врска со темата г-ѓа Лидија Димова, го нагласи значењето и улогата на европските фондови во рамките на ИПА1 и ИПА2, при што укажа на потребата од соодветна административна структура за поддршка при аплицирањето за проектите во земјата, која ќе биде квалитетна и подготвена за предизвиците кои ќе ни се наметнат, при отпочнувањето на користењето на новиот циклус на користењето на европските пари, во рамките на ИПА2. Притоа, укажувајќи  дека станува збор за комплексен и сложен процес, кој се разликува од претходниот за користење на ИПА1, праша дали ЕУ размислува за овој проблем и како ќе биде решено ова прашање.

Пратеникот Сашо Василевски, во своето излагање, истакна дека е важна регионалната соработка во регионот, која е потпомогната и со европските фондови за прекугранична соработка. Во врска со ова, истакна дека приоритет  треба да  имаат покрупните проекти, но дека во практиката проблем може да биде различниот степен на развој на земјите учеснички во овие проекти. 

Исто така, укажа на досегашните искуства од користењето на ИПА средствата на локално ниво во нашата земја, каде во поголемиот број на случаи главниот проблем е високиот праг на услови кои ги бара ЕУ, а кои во праксата се тешко остварливи.

На Конференцијата дискутантите покренаа многу прашања, кои се однесуваа на потребата од поголема парламентарна контрола над користењето на европските фондови, пред сè, преку поголема транспрентност од страна на владините институции, кои се инволвирани во овој процес , потоа за важноста на  интеракцијата со граѓанското општество, улогата на Европскиот парламент во стратегијата за ИПА2 и нејзината примена, како и за важноста на Стратешкиот  дијалог меѓу  Европскиот парламент и Европската комисија.

Исто така, на Конференцијата стана збор и за регионалниот приод и соработка во врска со ИПА2 на парламентите во националниот буџетски циклус и следењето на резултатите од реформите.

Click