Соопштенија

Вторник, 11 јули 2017 година

Пратеничката Туфегџиќ на конференција во Трст

Во рамките на Програмата на Европскиот парламент за млади политички лидери,  непосредно пред одржувањето на Самитот за Западен Балкан, за првпат од оваа година на иницијатива од европратеници се организира Конференција со вклучување на парламентарната димензија и невладиниот сектор.

Темата на Конференцијата за оваа година е: „Поврзувањето на младите-движење напред", и истата ќе се одржи на 11 и 12 јули 2017 г. во Трст, Италија.  

Конференција има за цел да ги обедини искуствата, мислењата и конструктивните приоди кон ова суштинско прашање кое е тесно поврзано со демократските процеси, степенот на развиеност на политичката култура и со изборното законодавство на земјите од овој регион.

Условите за номинирање за учество беа поставени на високо компетитивно ниво, односно поканет е само еден пратеник од парламентите на земјите на регионот на Западен Балкан, што претставуваше значаен поттик за вклучување на парламентарците од регионот на Западен Балкан. Со оглед на темата, следниот услов беше пријавениот пратеник да биде на возраст до 40 години (во најдобар случај најмлад пратеник) и номинирање на принципот „прв пријавен-прв услужен". 

Имајќи ја предвид важноста на процесот на европската интеграција на Република Македонија и улогата на Собранието на Република Македонија во овој процес како значаен чинител и двигател на истиот, Европскиот парламент ја селектираше г-ѓа Ивана Туфегџиќ, пратеник во Собранието на Република Македонија, која во целост ги исполни пропозициите за учество на оваа Конференција. 

На Конференцијата претставниците на невладиниот сектор од европските држави и од земјите-аспиранти, ќе дебатираат заедно и со г-ѓа Геновева Руиз Калавера, директор за Западен Балкан во Европската комисија и со г. Фабио Масимо Касталдо, европратеник и член на Еразмус+Алумни, а се очекува на затворањето на Конференцијата пред учесниците да се обрати г.Јоханес Хан, еврокомесар за добрососедска политика и проширување.