Собраниско раководство

Среда, 8 мај 2019 година

Средба на претседателот Џафери со Делегацијата на Постојаната комисија за европски прашања на Претставничкиот дом на Кралството Холандија                                 

На денешната средба на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери со делегацијата на Постојаната комисија за европски прашања на Претставничкиот дом на Кралството Холандија, предводена од претседателот на комисијата Хајке Велдман, се разменија информации и мислења во врска со нашата европска агенда и реформите кои следат на патот кон утврдување на датумот за преговори со ЕУ.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери изрази задоволство од досегашната соработка и поддршка на Кралството Холандија на нашата земја преку разни проекти и изрази надеж дека, во наредниот период, парламентарната комуникација и соработка ќе се интензивира на едно повисоко ниво. Претседателот Џафери ја искористи можноста на оваа средба да ги информира непосредно гостите од Холандија за тоа што е направено во досегашниот процес на реформи кои се прават во функција на добивање на датум за преговори со ЕУ. Имено, тој се осврна конкретно на реформите во областите на владеење на правото, јавната администрација и реформите на разузнавачките служби, ги информираше гостите за секоја област одделно и за тоа до каде се застанати процесите на имплементација на веќе донесените законски решенија и изрази надеж дека, до донесувањето на одлуката на Европската Унија за почеток на преговори со нашата земја, сите обврски ќе бидат завршени. Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија исто така изрази задоволство од успешно спроведените претседателски избори и нагласи дека, тоа е уште еден аргумент во полза на добивањето на датум за преговори. „Јас, како претседател на Собранието ќе продолжам како и досега да ги артикулирам интересите на сите пратеници во Собранието, особено во мојата комуникација со опозицијата, затоа што сум претседател на сите пратеници и Ве уверувам дека сме на добар пат“, рече претседателот Џафери.

Гостите од Кралството Холандија, членовите на Постојаната комисија за европски прашања и претседателот на комисијата, Хајке Велдман, се заблагодарија и изразија задоволство од средбата со претседателот Џафери како и од можноста да се информираат директно од претседателот за реформските процеси кои се во надлежност на Собранието. Претседателот на Комисијата, Велдман упати честитки за успешно спроведените уставни измени и имплементацијата на Преспанскиот договор, како и за успешно спроведените претседателски избори, и искажа спремност во името на комисијата која ја предводи дека ќе водат плодна и конструктивна дебата во Холандскиот парламент каде што пред своите колеги ќе ги претстави сите информации и мислења кои ги добил во врска со нашата европска агенда и нејзината имплементација.

На крајот на средбата, сите заедно заклучија и се согласија со претседателот Џафери дека сме на добар пат и така и треба да продолжиме.   

Click