Собраниско раководство

Вторник, 5 ноември 2019 година

Средба на претседателот Џафери со г-ѓа Елен Конве-Муре, потпретседател на Сенатот на Француската Република

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија денеска оствари средба со Елен Конве-Муре, потпретседателка на Сенатот на Француската Република и член на Комисијата за надворешни работи, одбрана и вооружени сили во францускиот Сенат.

На средбата присуствуваше и  пратеникот Панче Иванов во својство на претседател на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Француската Република.

На почетокот на средбата, Елен Конве-Муре му врачи златен медал на Сенатот на претседателот на Собранието Талат Џафери, како симбол на пријателството и плодната соработка меѓу нашето Собрание и Сенатот на Француската Република на што претседателот Џафери се заблагодари и изрази своја највисока почит кон францускиот сенат. 

Претседателот Талат Џафери во неговото воведно излагање истакна дека има посебна чест и задоволство да ја пречека потпретседателката на францускиот Сенат Хелен Конве-Муре, наведувајќи дека, политичките односи меѓу Република Северна Македонија и Француската Република се неоптоварени, извонредни, пријателски и на високо ниво и додаде дека овие односи ги карактеризира отворен, континуиран, продлабочен политички дијалог, со интерес за продлабочување на билатералната соработка во сите сфери. Потврда за тоа претставува и континуираната размена на посети на високо и највисоко ниво и работната посета на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Француската Република, односно Националното собрание и францускиот Сенат на почетокот на октомври оваа година.

Потпретседателката  на Францускиот Сенат Муре, истакна дека ова нејзино патување се организира со желба за продлабочување на парламентарната дипломатија која ќе биде повод не само за запознавање на земјата, туку и за продлабочување на соработката меѓу пратениците на Собранието на Република Северна Македонија  и француските сенатори, додавајќи дека постои интерес за нашата земја, наведувајќи дека вчерашниот разговор со членовите на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Француската Република, од политички аспект бил на многу високо ниво.

Претседателот на законодавниот дом на Северна Македонија Талат Џафери, истакна дека и покрај тоа што земјата не доби датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, сепак Република Северна Македонија ќе продолжи со спроведување на реформите од европската агенда во интерес на нашите граѓани кои секогаш бараат надградување, затоа што стратешките цели на нашата земја се ЕУ и НАТО и 70% од граѓаните ги подржуваат и благодарение на досегашната поддршка од Француската Република, преку понатамошна соработка ќе успееме да ја надминеме актуелната ситуација и да се најдеме сите на истиот пат.

На крајот на средбата, потпретседателката Муре истакна дека во нејзиниот извештај од посетата на Република Северна Македонија ќе ги пренесе и нашите очекувања во Париз.

Двајцата соговорници се согласија да врз основа на досегашните врски и соработка, се разгледаат можностите за интензивирање на оваа и продлабочување на соработката во иднина. 

Click