Собраниско раководство

Вторник, 1 октомври 2019 година

Средба на претседателот Џафери со г-ѓа Кристин Форсгрен Бенгтсон, амбасадор на Кралството Шведска во Република Северна Македонија

Денес во Собранието на Република Северна Македонија се одржа прва средба на претседателот на Собранието Талат Џафери, со новоименуваната амбасадорка на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Н.Е. Кристин Форсгрен Бенгтсон.

Претседателот Џафери и посака топло добредојде во Република Северна Македонија, со желби за успешен амбасадорски мандат и подвлече дека, со Амбасадата на Кралството Шведска во Скопје, континуирано имаме многу блиска и конструктивна соработка. Тоа е одраз и на фактот што нашите две држави историски негуваат отворени, блиски и пријателски односи, базирани на меѓусебна поддршка и разбирање. Особен акцент е ставен и на блиската и континуирана соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Парламентот на Кралството Шведска, со взаемни посети и размена на искуства од парламентарните практики. 

Претседателот ја реафирмираше благодарноста за силната поддршка на Кралството Шведска на евроатланската интеграција на Република Северна Македонија, особено ценејќи го фактот што Шведска е силен поборник на политиката на проширување, имајќи предвид дека не сите земји членки на ЕУ го делат истиот ентузијазам и ја поздрави ревизијата на Стратегијата на Шведската влада за развојна соработка со источна Европа, Западен Балкан и Турција 2014-2020, со обнова на билатералната компонента во соработката меѓу Кралството Шведска и Република Северна Македонија. Од особено значење е и Декларацијата за соработка меѓу Република Северна Македонија и Кралството Шведска, со која се реафирмира поддршката за нашите стратегиски приоритети и се дефинираат конкретни области од заемен интерес, на билатерален и на мултилатерален план.  Тој исто така подвлече дека, шведската поддршка на интеграцијата на Република Северна Македонија во НАТО е високо ценета, имајќи ја предвид шведската неутралност во воените сојузи. Претседателот Џафери ја информираше амбасадорката и за финализирањето на членството на Република Северна Македонија во НАТО Алијансата, при што очекувањата се на почетокот на следната година да станеме 30-та полноправна земја-членка, имајќи во вид дека се останати вкупно 6 земји-членки чии парламенти треба да го ратификуваат Пристапниот протокол, по што ќе следи и официјализирањето на полноправното членство и ратификацијата на основните НАТО протоколи во нашето Собрание. Двајцата соговорници во овој контекст споделија видувања дека, членството во Алијансата дополнително ќе ја зајакне регионалната стабилност и безбедност, но и ќе значи голема економска придобивка за самата држава, како што тоа се покажало и досега кај сите ново примени земји-членки.

Амбасадорката Бенгтсон го истакна задоволството што ја претставува својата земја во Република Северна Македонија и изрази уверување дека, во нејзиниот мандат очекува да даде голем придонес во нашето интегрирање во Европската унија. Кралството Шведска силно ја поддржува европската интеграција на Западен Балкан и тоа веќе еднаш го покажа во рамките на претседавањето со Советот на Унијата во 2001 година, како и во подготовката на Охридскиот рамковен договор. Позицијата на шведската Влада во однос на актуелните предизвици кон европското проширување е дека, Европската унија треба да покаже категорична поддршка на овој процес, бидејќи кохезијата во целата Унија не е можна без регионот на Западен Балкан.

Во однос на билатералната соработка, Кралството Шведска подготвува нова Развојна стратегија за периодот 2021-2028, што ќе опфати дел посветен особено на Република Северна Македонија, со силно нагласени приоритети за нејзината европска агенда. И понатаму приоритетите ќе бидат демократијата и владеењето на правото, животната средина, безбедноста и пазарната економија, но ќе се работи врз значително повисок степен на интеграција, поради очекуваното отворање на пристапните преговори.

Click