Собраниско раководство

Среда, 25 септември 2019 година

Средба на претседателот Џафери со премиерот на Република Казахстан, Аскар Мамин

Во рамките на официјалната посета на Република Казахстан, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, придружуван од пратеникот Енес Ибрахим, оствари средба со премиерот на Република Казахстан, Аскар Мамин.

Казахстанскиот премиер изрази задоволство од реализирањето на средбата со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија и нагласи дека, унапредувањето на меѓусебната соработка е од голема важност за двете земји, а пред сè зајакнувањето на економската соработка, зголемувањето на трговската размена и иницирањето на инвестициски активности меѓу двете земји. Премиерот Аскар Мамин истакна дека, билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Казахстан ги карактеризира пријателство, меѓусебно разбирање и заеднички интерес за нивно натамошно проширување.

Истовремено, тој изрази надеж дека Четвртиот состанок на претседателите на парламентите на Евроазиските земји, одржан деновиве во Нур-Султан, ќе овозможи воспоставување на директен мултилатерален дијалог меѓу шефовите на законодавните тела на државите од Европа и Азија.

Претседателот Талат Џафери нагласи дека, во Република Северна Македонија постои подготвеност за натамошно интензивирање на дијалогот и продлабочување на соработката со Република Казахстан во областите од заемен интерес, како што се економијата, енергетиката, образованието, културата и туризмот. Со цел продлабочување на односите и економската соработка меѓу двете земји, претседателот Џафери се заложи за укинувањето на визите за влез во Казахстан за граѓаните на Република Северна Македонија.

Тој оцени дека Северна Македонија би можела да претставува мост за економска соработка на Казахстан со земјите од Југоисточна Европа. Од друга страна, постои интерес за економско присуство на Северна Македонија на пазарот на Казахстан, пред сè заради гео-стратешката положба на земјата. Отворањето на нашата Амбасада во Казахстан на крајот од 2014 г. и на Почесниот конзулат во Алмати минатата година, според Џафери е доказ за нашите заложби за подигнување на меѓусебните односи на повисоко ниво, со тенденција за натамошен континуиран раст.

Претседателот Џафери информираше за очекувањата за добивање на датум за почеток на преговорите за пристап во ЕУ и за брзо заокружување на процесот на ратификација на Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО во парламентите на земјите членки на Алијансата, со што земјата ќе стане 30-та полноправна членка на НАТО.

Соговорниците изразија надеж дека официјалната посета на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија на Република Казахстан ќе претставува дополнителен поттик за натамошни заемни посети на највисоко ниво меѓу претставниците од двете земји.

Click