Собраниско раководство

Четврток, 26 септември 2019 година

Средба на претседателот Џафери со претседателката на Сенатот на Парламентот на Република Казахстан, Назарбаева

Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Северна Македонија, во придружба на пратеникот Енес Ибрахим, во рамките на официјалната посета на Република Казахстан, денеска оствари средба со Дарига Назарбаева, претседателка на Сенатот на Парламентот на Република Казахстан. 

На средбата стана збор за улогата на парламентарната дипломатија и потребата за зголемување на улогата на парламентите во надворешните работи и меѓународните односи. Џафери и Назарбаева се согласија дека, постојат бројни можности за натамошно унапредување на соработката меѓу двата парламенти, како на билатерално ниво меѓу претседателите, комисиите и парламентарните групи за соработка, така и во рамките на мултилатералните форуми. 

Претседателката Дарига Назарбаева информираше дека во Сенатот на Република Казахстан е формирана Група за соработка со Република Северна Македонија а и изрази задоволство за напредокот што земјата го постигна во аспирациите за членство во ЕУ и во процесот за интеграција во НАТО. Таа се заложи за зајакнување и развој на соработката меѓу Казахстан и Северна Македонија на полето на економијата, културата и туризмот. 

Претседателот Џафери нагласи дека, Република Северна Македонија останува посветена на спроведувањето на ефикасни реформи во функција на стратешките приоритети за членство во ЕУ и НАТО, а во изминатиот период ги унапреди и односите со соседите. Истакнувајќи дека со Преспанската спогодба со Република Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија, земјата ги надмина пречките на патот кон ЕУ и НАТО, Џафери информираше за очекувањата за добивање на датум за почеток на преговорите за пристап во ЕУ и за динамиката на процесот на ратификација на Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО.

Тој нагласи дека, Собранието на Република Северна Македонија е  функционална демократска институција, во која се води активен и интензивен политички дијалог меѓу пратениците од власта и од опозицијата, за што беше добиена потврда и во последниот Извештајот на ЕУ за напредокот на Република Северна Македонија.

Соговорниците разменија искуства во врска со родовата еднаквост во парламентите и се заложија за поголемо учество на жените во политиката. Назарбаева упати честитки што во Собранието на Република Северна Македонија, 42% од пратениците се жени, нагласувајќи дека повеќето парламенти во светот треба да го следат овој позитивен пример.

Претседателите на Собранието на Република Северна Македонија и Сенатот на Парламентот на Република Казахстан се согласија дека, воведувањето на безвизен режим за граѓаните од двете земји треба да се финализира што поскоро, во интерес на унапредувањето на соработката во сите области од заеднички интерес.

Во рамките на посетата, претседателот Талат Џафери го посети Меѓународниот финансиски центар Астана и одржа предавање на Правниот факултет на Универзитетот KAZGUU, на тема: „Парламентарна дипломатија – примерот на Собранието на Република Северна Македонија“. На предавањето организирано од Дипломатскиот академски клуб, покрај студенти и професори на Правниот факултет, присуствуваа и амбасадори и дипломати. 





Click