Собраниско раководство

Среда, 25 септември 2019 година

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Мажилисот Нигматулин

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, придружуван од пратеникот Енес Ибрахим, на 25 и 26 септември 2019 година престојува во официјална посета на Република Казахстан, на покана од Нурлан Нигматулин, претседател на Мажилисот (Долниот дом) на Парламентот на Република Казахстан.

На средбата со домаќинот Нурлан Нигматулин, присуствуваа и претседателот на Комисијата за меѓународни односи, одбрана и безбедност на Мажилисот Мухрар Ерман, претседателот на Групата за меѓупарламентарна соработка „Казахстан - Северна Македонија“ Дархан Минбај, претставници на трите политички партии застапени во Межилисот: Бахиджан Јертаев од Народната демократска партија „Нур Отан“, Азат Перуашев од Демократската партија на Казахстан „Ак Жол“ и Ајкан Конуров од „Народни комунисти“, како и заменикот на министерот за надворешни работи  на Казахстан Роман Василенко.

Претседателот на Мажилисот изрази задоволство од реализирањето на првата официјална посета на претседател на Собранието на Република Северна Македонија на Република Казахстан, и оцени дека меѓу двете земји е воспоставена добра билатерална соработка, со бројни можности за натамошно проширување и продлабочување. Нагласувајќи дека Северна Македонија е значаен партнер на Казахстан, Нигматулин се заложи за унапредување на економските односи преку нови форми на соработка, со цел зголемување на меѓусебната трговска размена. Тој ги повика претприемачите и инвеститорите од Северна Македонија да се вклучат на пазарот на Казахстан, со оглед на погодностите што ги нуди истиот, пред сè во високата технологија и преработувачката индустрија за земјоделски производи. Истовремено, тој даде поддршка на реформските процеси во Република Северна Македонија.

Претседателот Нигматулин информираше за активностите на тековниот, шести по ред парламентарен состав на Мажилисот, при што истакна дека Парламентот на Казахстан ги засилува своите меѓународни позиции, за што е доказ и Четвртиот состанок на претседателите на парламентите на земјите од Евроазија на тема: „Голема Евроазија: Дијалог. Доверба. Партнерство“, што се одржа на 23 и 24 септември 2019 година во Нур-Султан.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, упати честитки за успешната организација на Четвртиот состанок на претседателите на парламентите на земјите од Евроазија, истакнувајќи дека тој посветува големо внимание на парламентарната дипломатија, како средство за продлабочување на парламентарниот дијалог и интензивирање на контактите меѓу парламентарците од различни земји. Џафери нагласи дека, ставовите на Северна Македонија и Казахстан во врска со клучните прашања на меѓународната агенда се многу блиски, а нашата земја ги поддржува иницијативите на Казахстан во меѓународните организации, особено во рамките на ОН и ОБСЕ. Трите билатерални договори во областа на оданочувањето, заштитата од фискална евазија и поттикнувањето на инвестициите, според Џафери се основа за економската соработка меѓу двете земји, која би требало и понатаму да се продлабочува, а технолошко - индустриските зони во Северна Македонија би можеле да се позиционираат како мост за економска соработка на Казахстан со пазарите на Југоисточна Европа и пошироко. Од големо значење за меѓусебната соработка се и трите договори од правната сфера, што беа потпишани во август годинава.

Претседателот Џафери информираше за активностите на Собранието на Република Северна Македонија, нагласувајќи дека во Собранието активно учество имаат сите политички сили, преку интензивен и транспарентен политички дијалог. Исто така, Собранието активно учествува на парламентарните регионални и меѓународни настани. Тој се заложи и за забрзување на активностите за укинување на визите за граѓаните од двете земји, со цел унапредување на меѓусебните контакти, економската соработка и туризмот.

Претседателот Џафери се осврна и на евроинтеграциските процеси на Република Северна Македонија, очекуваното заокружување на интеграцијата во НАТО и добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ, нагласувајќи дека земјата е подготвена да ги совлада сите предизвици кои ги носат пристапните преговори со Европската унија, како и членството во НАТО.

На средбата, претседателите се согласија дека постои простор за натамошно унапредување на соработката меѓу парламентите на Република Северна Македонија и Република Казахстан, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво, во рамките на меѓународните парламентарни собранија.

Во текот на денот, официјалната делегација од Собранието на Република Северна Македонија имаше и Работен ручек со Групата за меѓупарламентарна соработка „Казахстан - Северна Македонија“.

Click