Собраниско раководство

Понеделник, 23 септември 2019 година

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ Церетели

Во рамките на Четвртиот состанок на претседателите на парламентите на земјите од Евроазија на тема: „Голема Евроазија: Дијалог. Доверба. Партнерство“, што се одржува на 23 и 24 септември 2019 година во Нур-Султан, Република Казахстан, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, оствари средба со претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ Георге Церетели. На средбата присуствуваа, Енес Ибрахим, пратеник во Собранието на Република Северна Македонија и Паскал Ализар, потпретседател на ПС на ОБСЕ и сенатор од Франција.

На средбата стана збор за продлабочување на успешната соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и ова Парламентарно собрание, кое е единствена парламентарна организација во структурата на ОБСЕ и има улога на витална врска меѓу владиниот дел на ОБСЕ и претставниците кои се директно избрани од граѓаните.

Претседателот Џафери нагласи дека, во Република Северна Македонија високо се цени улогата на ОБСЕ во развојот на демократските процеси во земјата, а особено активностите на Мисијата на ОБСЕ во Скопје која тесно соработува со Собранието, со цел зајакнување на парламентарната независност, надзорната функција и демократската улога, како и унапредувањето на родовата еднаквост. Тој се осврна на перспективите на евроинтеграциските процеси на Северна Македонија и спроведувањето на темелни реформи во многу стратешки области, во кои Собранието на Република Северна Македонија одигра клучна улога.

Претседателот  на ПС  на ОБСЕ Церетели, упати честитки за храбрите одлуки  и реформите што ги спроведе Република Северна Македонија и истакна дека, многу држави во земјата гледаат позитивен пример за успешно разрешување на конфликтите во согласност со принципите на Хелсиншкиот финален акт на ОБСЕ. Тој оцени дека, членството на нашата земја во НАТО и почетокот на пристапните преговори со ЕУ ќе придонесе за севкупната стабилност и просперитет на државата и на регионот. Претседателот Церетели информираше за активностите на Парламентарното собрание на ОБСЕ  и оцени дека, сите земји учеснички во ОБСЕ треба да работат на исполнувањето на заложбите на Организацијата, при што ја истакна улогата на парламентарците на овој план. Церетели се осврна на различните механизми на ПС на ОБСЕ и на улогата на специјалните претставници најавувајќи дека, Специјалниот пратеник за Југоисточна Европа Марк Причард, во најскоро време ќе оствари посета на Република Северна Македонија.

На средбата стана збор и за активностите на Парламентарното собрание на ОБСЕ  и на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на изборните циклуси во Република Северна Македонија, при што беше изразена подготвеност за целосно спроведување на препораките за подобрување на изборните процедури.

На крајот на средбата, претседателите Џафери и Церетели се согласија дека плодната соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Парламентарното собрание на ОБСЕ треба да продолжи и во иднина.

Click