Собраниско раководство

Среда, 5 јуни 2019 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОЈУЗНИОТ ПАРЛАМЕНТ НА ШВАЈЦАРСКАТА КОНФЕДЕРАЦИЈА  Г-ЃА МАРИНА КАРОБИО ГУСКЕТИ

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, заедно со пратениците Џеват Адеми, Мира Стојчевска и Павлинче Честојнова, остварија средба со претседателката на Сојузниот парламент на Швајцарската Конфедерација, г-ѓа Марина Каробио Гускети, на чијашто покана Делегацијата и е во официјална посета во Берн.

Двајцата соговорници оценија дека, односите и контактите меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Швајцарскиот Парламент се пријателски и се одвиваат по нагорна линија, и на билатерален и на мултилатерален план.

Претседателката Гускети на почетокот на средбата изрази голема почит и задоволство што се реализира оваа официјална посета на високо ниво, предводена од Претседателот Џафери. Таа го поздрави потпишувањето и спроведувањето на Преспанскиот договор и истакна дека, овој договор претставува пример за сите држави во Европа како преку дијалог се решаваат отворените прашања. Претседателката Каробио Гускети даде посебен акцент на проектите на Швајцарската конфедерација во РСМ и нивната реализација во пракса. Исто така, таа покажа интерес за правата на етничките заедници во Република Северна Македонија и се осврна на искуствата на ШК на овој план. Госпоѓата Каробио Гускети информираше и за застапеноста на жените во Сојузниот Парламент на ШК.

Таа изрази оптимизам дека континуираните напори за спроведување на реформите во клучните области на институциите на Северна Македонија ќе бидат признаени, и дека земјите членки на ЕУ ќе донесат одлука за отворање на преговорите за пристапување во јуни оваа година. Претседателката Гускети нагласи дека, Швајцарија од своја страна ќе стори сè за да ги охрабри државите кои се резервирани по однос на ова прашање дека доделувањето на датум за Република Северна Македонија е неопходно.

Претседателот Џафери ја нагласи заедничката определба на владејачките и на опозициските партии за поддршка на стратешка цел за пристапување во ЕУ и НАТО членство. Потенцирајќи дека, иако целта на реформите е воспоставување на стабилни основи за владеење на правото во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија а не само услов во процесот на интеграција во ЕУ, сепак признавањето на напредокот кој веќе е направен, е најдобар поттик за продолжување со реформите. Отворањето преговори во јуни 2019 година ќе обезбеди понатамошен поттик за консолидирање на демократијата и владеењето на правото и истовремено, ќе испрати јасна и позитивна порака до сите земји пристапнички во Западен Балкан, истакна Џафери.

Соговорниците истакнаа дека и во иднина ќе се залагаат за негување на блиски и пријателски односи меѓу двата законодавни дома, како на ниво на пратеници така и на ниво на служби. Во таа насока, од наша страна беше поздравен швајцарскиот придонес за функционирањето на Парламентарниот институт во СРСМ, кој е плод на посветеноста на швајцарската Влада во соработка со Амбасадата на Швајцарија и швајцарската Агенција за развој и соработка во Република Северна  Македонија и Проектот „Програма за поддршка на Парламентот“ за кој се потпиша Меморандум помеѓу швајцарската Агенција за развој и соработка, претставувана од Амбасадата на Швајцарија и Собранието на Република Северна Македонија.

Во рамките на официјалната посета, претседателот Џафери  и пратениците остварија средба со сојузниот пратеник за плурилингвизам, Николета Мариолини. Пратеничката Мариолини сподели практични примери за функционирањето на плурилингвизмот во швајцарските кантони. Таа посочи дека во Швајцарската Конфедерација, официјални јазици се германскиот, францускиот, италијанскиот и рeтороманскиот, истакнувајќи дека првите три официјални јазици функционираат рамноправно на сите државни нивоа, а рeтороманскиот јазик функционира на национално ниво.

Претседателот Џафери изрази убедување дека и во иднина ќе продолжи интензивната билатерална соработка со Швајцарската Конфедерација, а особено со Швајцарскиот парламент. За РСМ од големо значење би било споделувањето на добрите практики и искуства од Швајцарија, особено на полето на плурилингвизмот.

 

 Инсерти од средбата

Click