Собраниско раководство

Четврток, 19 септември 2019 година

Средба на претседателот Џафери со в.д. амбасадорот на Државата Катар во Република Северна Македонија, Н.Е. Хамад Јасим Ал-Махмод

На денешната средба на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, со в.д. амбасадорот на Државата Катар, Н.Е. Хамад Јасим Ал-Махмод, беа разменети повеќе информации за досегашната соработка меѓу двете земји, особено на планот на унапредување и интензивирање на билатералната комуникација на сите нивоа, со посебен акцент на економската и трговската соработка.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија изрази надеж дека соработката и односите меѓу двете страни ќе се продлабочуваат, особено економската соработка, и во таа насока упати апел до бизнисмените и стопанските комори на двете земји да продолжат да комуницираат интензивно и во наредниот период. Тој истакна дека посетата на бизнисмените и инвеститорите од Катар, реализирана во 2015 година е доста корисна и значајна за нас, сѐ со цел да се видат предностите за инвестирање во нашата држава. Претседателот Џафери изрази особено задоволство што со Катар е воспоставена директна авионска линија, што овозможува подобра и побрза комуникација меѓу граѓаните на двете земји, исто така и за дипломатските односи на резидентна основа, претставени со Амбасадите во двете земји, а, секако, дека големо олеснување претставува и укинувањето на визниот режим за нашите граѓани кои патуваат во Катар.

Вршителот на должност амбасадор на Државата Катар, Н.Е.Хамад Јасим Ал-Махмод, се заблагодари за средбата со претседателот на Собранието, како и за можноста да разменат мислења и предлози околу понатамошната соработка, и изрази уверување дека за време на неговиот мандат, ќе помогне и ќе даде свој придонес во интензивирањето и зајакнувањето на соработката, како на политички, така и на економски план. Амбасадорот го информираше претседателот Џафери дека во наредниот период, во Катар, ќе се реализира средба со заменик-министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, на која средба ќе се прецизираат и потпишат сите преостанати договори кои се предвидени и кои ќе овозможат посилна и поинтензивна комуникација во повеќе области.

На крајот, двајцата соговорници се согласија меѓусебната комуникација да продолжи да се интензивира и во иднина.   

Click