Собраниско раководство

Четврток, 4 април 2019 година

СРЕДБА НА  ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ВИСОКИОТ КОМЕСАР ЗА НАЦИОНАЛНИ МАЛЦИНСТВА НА ОБСЕ, Г. ЛАМБЕРТО ЗАНИЕРИ

Денеска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, се сретна со г. Ламберто Заниер, висок комесар за малцински прашања на ОБСЕ, избран на таа позиција на 19 јули 2017 година.

Претседателот Џафери, откако му посака добредојде на Високиот комесар, даде краток вовед во однос на воспоставената долгогодишна соработка од 1993 година, и рече дека улогата на ОБСЕ е високо ценета кај нас во насока на развојот на демократските процеси во земјата, и особено значајна во таа насока е улогата и константната соработка со Високиот комесар за национални малцинства. Особена благодарност за придонесот на Високиот комесар за придонесот што го дава во унапредувањето на меѓуетничките односи и залагањето на Република Северна Македонија за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на сите етнички заедници кои живеат тука.

Претседателот Џафери направи краток осврт и на актуелната застапеност на претставници од сите етнички заедници  во парламентарниот состав и за законското решение со кое заедниците кои не се застапени во Собранието, да имаат свој претставник во Комитетот за меѓуетнички односи, на предлог на Омбудсманот. Што се однесува на определбите од Охридскиот рамковен договор, во март 2018 година е донесен Законот за употреба на јазиците, и согласно истиот, основана е Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните а се очекува и основање на Инспекторатот за употреба на јазикот. Претседателот на Собранието изрази задоволство и од Резолуцијата за промени и подобрување на положбата на Ромите која што е веќе во процедура. Сиот вложен ангажман е во насока на остварување на заедничката цел, односно градење соживот и унапредување на меѓуетничката интеграција и толеранција кои се многу важни за стабилноста на државата.

Високиот комесар Заниер, вреднувајќи ја високо улогата на Собранието во Ратификацијата на Договорот со Грција и ЕУ и НАТО перспективите, му честиташе на претседателот Џафери за неговиот личен ангажман во постигнување на овие цели. Неговиот прв впечаток по пристигнувањето во Република Северна Македонија е дека има повисок степен на стабилност а по остварените средби со директорот на Агенцијата за примена на јазикот и Министерот за образование, констатира дека тие институции имаат стратешка улога за зајакнување на процесот на социјална интеграција. Неговите совети се да се гради одржлива политика со балансиран пристап. Имајќи предвид дека ОБСЕ работи во многу земји на овие прашања, имаат и искуство и практики кои можат да ги споделат и со нас. Комесарот Заниер се интересираше и за новото Министерство за политички систем и за  тоа дали тоа ќе повлече нова законска регулатива на што претседателот Џафери даде широко образложение за тоа како дојде до основање на оваа нова институција и дека новина за разлика од претходните две институции кои се редефинираат во ова тело е всушност извршната надлежност.

Соговорниците разговараа и за претстојните претседателски избори за кои веруваат дека ќе бидат фер и демократски а претседателот Џафери потврди дека за верификација на непристрасноста акредитирани за ОБСЕ и ОДИХР, а вклучени се и домашни институции како што е Државниот завод за ревизија и Комисијата за борба против корупцијата.

На крај, г. Заниер се заблагодари за искрениот разговор и изрази верба во продолжување на одличната соработка со институциите на Република Северна Македонија.

Click