Собраниско раководство

Недела, 7 април 2019 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ЗИГФРИД БРАКЕ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПРЕТСТАВНИЧКИОТ ДОМ НА ФЕДЕРАЛНИОТ ПАРЛАМЕНТ НА БЕЛГИЈА И НУРЛАН НИГМАТУЛИН, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАЖИЛИСОТ НА ПАРЛАМЕНТОТ НА РЕПУБЛИКА КАЗАХСТАН

Во рамките на 140. Собрание на ИПУ, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија оствари билатерални средби со Зигфрид Браке, претседател на Претставничкиот дом на Федералниот парламент на Белгија и Нурлан Нигмтатулин, претседател на Мажилисот на Парламентот на Република Казахстан.

На средбата со г. Браке, претседател на Претставничкиот дом на Федералниот парламент на Белгија, претседателот Џафери изрази задоволство од средбата и истакна дека односите помеѓу двете држави се одликуваат со пријателство, добри дипломатски односи и отворена соработка на сите полиња. Претседателот Џафери информираше за активностите на Собранието и напредокот на нашата земја во евроатланскиот интеграциски процес, при што подвлече дека досега 11 земји членки го ратификувале Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО и изрази надеж дека до наредниот Самит на НАТО во Лондон, нашата земја ќе стане полноправна членка на НАТО. Исто така, претседателот Џафери извести дека се работи интензивно на исполнувањето на препораките за реформи, и се очекува во јуни оваа година нашата земја да добие датум за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ.

Г. Браке ги поздрави историските чекори на Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон евроатланска и европска интеграција и подвлече дека Кралството Белгија високо ги цени напорите кои ги правиме во реформскиот процес, особено во делот на владеењето на правото и почитувањето на човековите права. Тој истакна дека Кралството Белгија ја поддржува нашата земја во нејзините стратешки определби – членството во НАТО и ЕУ при што нагласи дека, по завршувањето на изборите, и Белгија ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО.

Соговорниците исто така разговараа и за продлабочување на економската соработка, како еден од најзначајните сегменти, особенo имајќи го предвид големото присуство на белгиски инвестиции во Република Северна Македонија.

На средбата со Нурлан Нигматулин, претседател на Мажилисот на Парламентот на Република Казахстан, претседателот Џафери истакна дека билатералните односи меѓу двете земји се на одлично ниво и постојат можности за соработка во сите области. Претседателот Џафери изрази задоволство што во двете земји постои интерес за зајакнување на економската соработка, зголемување на трговската размена и иницирањето на инвестициски активности. Исто така, тој подвлече дека заради гео - стратешката положба на Казахстан, постои долгорочен стратешки интерес за економско присуство на нашата земја, при што енергетскиот сектор би бил примарен за соработка и во оваа насока, Северна Македонија би можела да се позиционира како мост за економска соработка на Казахстан и регионот пошироко.

Г. Нигматулин изрази задоволство од средбата и воедно во рамки на претседавањето на Состанокот на спикери на парламентите на Евроазија, упати покана до претседателот Џафери за официјална посета на Казахстан, истакнувајќи дека парламентарната дипломатија е значајна за унапредувањето на билатералните и мултилатералните односи и соработка меѓу двете земји. Тој се согласи дека економската соработка е многу значајна и дека постојат бројни можности за соработка, како во областа на енергетиката, така и во други области а во прилог на тоа се и постојаните взаемни посети на бизнисмени заинтересирани за инвестирање во повеќе сектори во Република Северна Македонија.

На крајот на средбата се стави акцент и на поддршката на Република Северна Македонија на иницијативите на Казахстан во меѓународните организации, која е особено изразена во рамките на ОН и ОБСЕ.

Click