Собраниско раководство

Понеделник, 26 август 2019 година

Учество на претседателот Џафери на Работниот состанок на Амбасадорскиот совет

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, на покана на министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, г. Никола Димитров, денеска учествуваше на Работниот состанок со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија.

Во конструктивен амбиент, претседателот Џафери информираше за тековните активности на Собранието на меѓународен план, со осврт на активностите на постојаните делегации во мултилатералните организации, билатералната соработка, активностите на планот на евроинтеграцијата и заокружувањето на НАТО интегративниот процес. Притоа, укажа на значењето на парламентарната дипломатија и на важноста од координиран пристап меѓу релевантните институции во креирањето и спроведувањето на надворешната политика на земјата. Даде посебен осврт на својата меѓународна агенда како значаен сегмент во севкупните дипломатски активности, со акцент на позначајните реализирани посети, како и на претстојните посети во земјата и странство.

На Работниот состанок беа разменети конструктивни дискусии со амбасадорите, особено за претстојните посети на билатерално ниво, за активностите сврзани со преостанатите ратификации на Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО, како и за преостанатите активности сврзани со добивањето датум за преговори со Европската унија.

Беше истакнато значењето на координацијата и усогласувањето на ставовите во надворешната политика и беше потенцирана потребата од натамошна взаемна поддршка меѓу Собранието и Министерството, во насока на успешна реализација на зацртаните цели на надворешно-политички план.



Click