Собраниско раководство

Петок, 27 јули 2018 година 

Обраќање на претседателот Џафери на Комеморативна седница по повод смртта на истакнатиот албански деец, Адем Демачи  

Почитуван претседател на Република Косово,
Почитуван претседател на Собранието на Косово,
Почитуван претседател на Влада,
Почитувани пратеници,
Екселенции,
Почитувано семејство Демачи,
Почитувани граѓани на Косово,
Медиуми,
Дами и господа,

Денеска, тука сме собрани по еден повод што нè растажи сите нас што сме имале среќа да живееме во исто време кога живеел и националниот херој, симболот на националниот отпор, патоказот и гласот на националната совест, заштитникот на правата и слободите на неалбанските малцинства, слободољубецот и родољубот, визионерот и истакнатиот писател, Адем Демачи.

Не е лесно во малку зборови да се опише величественото дело, несебичната пожртвуваност и неуморната работа на почитуваниот Адем Демачи, којшто не потклекна, не се прекрши и не се предаде пред ниту еден предизвик, пред ниту една тешкотија и болка, иако во неговото животно патешествие се евидентираат полни 28 години поминати по затвори и под политички притисок. Меѓутоа, неговиот поглед беше секогаш далеку, секогаш кон посветлата иднина, за нацијата, за државата и за идните генерации. Никогаш не престана да размислува за тоа како да се изгради независна држава, демократска, рамноправна со околните држави и пошироко, правна држава во која ќе владее правото за сите подеднакво, без разлика на етничката, верската, јазичната, полната или класната припадност. Држава во која нема да постои крвното осветување, братоубиството и омразата кон различниот.

Делото на почитуваниот Адем Демачи, освен од домашните институции, каде што беше прогласен за „национален херој“, високо се цени и од светските институции. Европскиот парламент му додели награда „Сахаров“ за слобода на говор, со која се оддава чест на поединци и група луѓе кои го посветиле животот на заштитата на правата на човекот и слободата на медиумите.

Заминувањето на почитуваниот Адем Демачи од овој свет е голема загуба за сите Албанци, за сите слободољупци и родољуби, меѓутоа и за целото човештво кое високо ја цени слободата и рамноправноста меѓу луѓето насекаде низ светот. Неговото заминување од овој свет е горко за целото негово блиско семејство, за неговите блиски соработници, за сограѓаните, но и за сите Албанци каде и да се наоѓаат.

Бидете силни почитувано семејство, бидете горди за споделените мигови што сте ги имале, затоа што разделбата е само физичка разделба. Неговата уникатна личност е незаборавна и незаменлива и неговото величествено дело нема да се заборави никогаш. Тие ќе бидат наследство и порака што ќе ги чуваме, цениме и почитуваме, но и ќе ги продолжиме сите ние што на различни начини, од позициите што ги имаме во одредени периоди, имаме влијание врз општествените развои и настани во нашите земји.

Почивај  во мир почитуван!
Вечна ти слава!

Благодарам на вниманието.

Click