Собраниско раководство

Петок, 7 декември 2018 година

Обраќање на претседателот Џафери на Комеморативна седница по повод смртта на Љубиша Георгиевски, поранешен претседател на Собранието на Република Македонија

Почитувана госпоѓа Георгиевска,
Почитувани членови на семејството Георгиевски,

Дозволете во мое име и во име на колегите пратеници во законодавниот дом да ви изразам длабоко сочувство по повод заминувањето од овој свет на нашиот некогашен колега пратеник и претседател на Собранието на Република Македонија Љубиша Георгиевски. Ги повикувам колегите пратеници и сите присутни со едноминутно молчење да ја изразиме нашата почит.

Слава му!

Навистина е тешко во овие тажни моменти да се зборува за една личност каков што беше Љубиша Георгиевски. Театарски, филмски и телевизиски режисер, професор по режија и актерска игра, писател, колумнист, есеист, политичар, дипломат, пратеник и претседател на Собранието на Република Македонија. Како филмски и театарски  режисер, неговиот опус е огромен.  Четири долгометражни играни филмови, преку 165 театарски претстави, повеќе книги од областа на теоријата на театарот, политиката, како и драмски текстови.

Како театарски режисер, има режирано театарски претстави не само кај нас туку и на просторот на некогашна Југославија, потоа во поголемите европски престолнини како што е Виена, Париз, Варшава Букурешт, Софија и така натаму. Како режисер и визитинг професор престојувал во САД и тоа на државниот универзитет во Далас и во Лос Анџелес.

Во својата книга „Театро“ посветена на онтологијата и феноменологијата на театарот, Георгиевски ќе напише… „поимот на времето во театар за жал, сè уште се разбира еднообразно, праволиниски и сукцесивно, а тоа значи затворено и конечно одредлив“. Ја цитирам оваа мисла на Георгиевски бидејќи, без разлика дали станувало збор за театарската уметност, за филмот, есеистиката или политиката, тој секогаш барал нови, неконвенционални начини на борба против стереотипите и предрасудите и во тие негови битки не секогаш бил подеднакво и на ист начин сфатен и прифатен од сите. 

И во политиката, Љубиша Георгиевски влегува со сиот свој интелектуален капацитет, но и со сиот оној немир, и страст што го носи театарот и драмската уметност. Дури, некој би рекол дека успеваше да направи една навистина креативна симбиоза на овие два на прв поглед неспојливи сегменти на човековото дејствување. Можеби затоа што и во политиката тој на прво место го ставаше човекот, неговите права и слободи. Уметник каков што беше, имаше почит кон слободното изразување на мислата и можеби неговата желба да придонесе во градење на демократско општество со почитување на правата и слободите на граѓаните,  беше тоа што го поттикна да се вклучи активно во поличката сцена. Во 2002 година учествува на претседателските избори а во 2006 година е избран за пратеник и потоа за претседател на Собранието. Во неговиот мандат како претседател на Собранието, започнаа размислувањата и идеите за промена на Деловникот и тоа во правец на поголема ефикасност на законодавната власт и нејзина вистинска независност во однос на другите гранки на власта. Таа негова тогашна иницијатива не резултираше со успех, и тоа е нешто што и тој самиот го призна како политичар со развиено чувство за одговорност, кој има храброст да каже што направил а што не успеал, меѓутоа, треба да се има на ум дека секоја идеја, секое размислување, има потреба од период на растење, развивање и зреење. Денес, сме во фаза кога се во тек консултации, конструктивни разговори, усогласувања и дебати на сите нивоа, со една единствена цел, да имаме Деловник за работа на Собранието, кој што ќе биде донесен со консензус и ќе се спроведува и почитува од сите кои се дел од овој законодавен дом. Деловник, кој што ќе одговара на современите предизвици на парламентарната демократија. За време на неговиот мандат започна и процесот за реконструкција и доградба на зградата на Собранието на Република Македонија, така што денеска имаме функционално здание кое ги задоволува условите за нормално работење на пратениците и службата на законодавниот дом.

Љубиша Георгиевски, безрезервно ја користеше моќта на своето перо кое му беше средство со кое ги поттикнуваше сите што го читаа и следеа да размислуваат за слободата, за демократијата, за тоа што секој поединец како индивидуа може да стори за подобро општество, за високо изградена свест на граѓаните кои знаат што значи демократија, а што значи диктатура. Граѓани кои ќе ја знаат моќта на својот глас и таа моќ ќе знаат како да ја искористат без да дозволат да биде злоупотребена. Граѓаните ја имаат одговорноста за својата судбина и оваа мисла на Љубиша Георгиевски треба сите кои сме дел од политичкиот живот, како политичари и како граѓани да го запомниме, бидејќи многу јасно укажува какво општество ќе имаме ако не бидеме свесни за моќта на нашиот глас, без разлика дали сме дел од политичката структура, дали сме дел од невладиниот сектор дали сме дел од експертската или културната јавност.

За големиот опус на Љубиша Георгиевски, било да станува збор за режисерот, драматургот, политичарот, есеистот или дипломатот, може да се зборува многу долго. Сепак,  театарот останува неговата најголема ако може така да се рече љубов и страст, па во една пригода за себе ќе рече  цитирам:

„Минав и низ театарот и како политички азил и ако таму понекогаш блескав, макар и како азилант, тоа е затоа што горев!… Сиот живот, токму како Одисеј, бев гостин: во Прилеп и во Далас; во Штип и во Париз; во Струмица и во Варшава; во Битола и во Виена; во Куманово и во Москва…зашто јас конечно, оддалеку, но јасно, ја догледувам и својата Итака, додека театарот односно Пенелопе верно ме чека.“

Почитувани членови на семејството на Љубиша Георгиевски, почитувани колеги и присутни, Љубиша Георгиевски навистина заминува од овој свет. Но зад него останува неговото дело неговите театарски претстави, драми филмови книги неговиот политички ангажман. А со тоа Љубиша Георгиевски во суштина останува со нас но останува и за идните генерации како дел од нашето културно и политичко наследство.

Нека му е вечна слава!

Click