Собраниско раководство

Среда, 5 февруари 2020

Обраќање на претседателот Џафери на Свечениот настан за отпочнување со работа на Парламентарната буџетска канцеларија во Собранието

Почитувани потпретседатели на Собранието,
Почитувани колеги пратеници,
Почитувана генерална секретарка Иванова,
Почитувана амбасадорка Галовеј,
Почитуван директор на Вестминстер Фондацијата за демократија, г. Смит,
Почитувани екселенции и пријатели на Собранието на Република Северна Македонија,  
Почитувани медиуми,
Дами и господа,

Задоволен сум што денес имам чест во свое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија да го поздравам овој свечен настан со кој што го одбележуваме отворањето на Парламентарната буџетска канцеларија, производ на плодната соработка помеѓу Собранието на Република Северна Македонија и Вестминстер фондацијата за демократија, тело финансирано од Владата на Велика Британија, долгогодишен пријател на парламентите на земјите во развој со давање поддршка при воспоставувањето на ефективна повеќепартиска демократија а конкретно, Парламентарната буџетска канцеларија е формирана преку програмата „Иницијатива за демократија на Западен Балкан“ и како резултат на заложбите и препораките што ги усвоивме сите ние што учествувавме на конференцијата одржана во Вилтон Парк, Велика Британија, во февруари 2018 година.

Формирањето на вакво тело беше и една од главните препораки од „Извештајот за процена на практиките за финансиски надзор во Собранието на Република Северна Македонија“, изготвен со поддршка на експерти од Парламентот на Шкотска и постапувајќи по овие препораки, во декември 2018 година потпишавме меморандум за разбирање со Британската амбасада и Вестминстер фондацијата за демократија. Формиравме Управувачки одбор и бевме во работна посета на буџетските канцеларии на парламентите на Шкотска и на Србија, со цел да видиме кој е најдобриот и најсоодветниот модел за применување кај нас. Така, во септември 2019 година, Управувачкиот одбор донесе Одлука за воспоставување Парламентарна буџетска канцеларија (ПБК) во рамките на Службата на Собранието која што канцеларија со закон е утврдена како посебна организациска единица - одделение во рамките на Службата на нашиот законодавен дом, аналитички центар што од денес ќе служи за унапредување на парламентарниот финансиски надзор преку изготвување на стручни финансиски и буџетски анализи за потребите на пратениците и работните тела. Горд сум, затоа што оваа канцеларија, е уште еден камен на зацврстување на темелите на независноста на законодавниот дом и исполнувањето на уставно утврдената законодавна и надзорна улога на Собранието на Република Северна Македонија.

Мисијата на ПБК е да преку навремени, непристрасни и објективни анализи што ќе ги обезбеди за пратениците и службата на Собранието, и при што ќе се води од принципите на стручност, објективност, кредибилност и транспарентност, да придонесе во подобра подготовка на пратениците за дебата за предлог текстовите од финансиска област а што се во собраниска процедура, меѓутоа и за подобро разбирање и исполнување на обврската за вршење контрола на тоа како извршната власт ги троши овие средства, покрај тоа што пратениците ги утврдуваат даноците преку кои државата прибира средства од граѓаните и го дефинираат начинот како се распределени средствата преку донесување на Буџетот. Во својата работа, Канцеларијата ќе соработува тесно и ќе ја следи работата на Комисијата за финансирање и буџет, Буџетскиот совет и на другите работни тела во Собранието и ќе изработува анализи и статистички макроекономски прегледи за нивните потреби.

Почитувани колеги,

Сакам да се заблагодарам на Владата на Велика Британија, на Вестминстер фондацијата за демократија и британската Амбасада за нивната посветеност и поддршка во демократизација на политичките партии и подобрувањето на политиките кои се одразуваат непосредно на секојдневието на обичните граѓани и зголемувањето на квалитетот на нивниот живот. Јас сум уверен дека овие четворица нововработени во Парламентарната буџетска канцеларија и тоа како ја сфаќаат значајноста и сериозноста на нивната работна задача и сакам да ги уверам дека нашите врати ќе бидат секогаш отворени за нив и за која било дилема на која ќе наидат во текот на своето работење. Свесен сум дека доаѓаат со различни бекграунди, од други институции и докажани компании, меѓутоа, исто така сум сигурен дека задачите што стојат пред нив, предизвикот со кој што се соочуваат кога ќе се фатат во костец со оваа одговорна работа, само ќе придонесе кон нивно повисоко професионално напредување и надградување, а со текот на времето и нивно усовршување.

Почитувани колеги пратеници, сакам да ве охрабрам да ги користите што е можно повеќе ресурсите што ги поседува оваа канцеларија, да ги примените во пракса и во полза на мудрото и разумно распределување на финансиите од Буџетот на државата.

Ја користам оваа прилика да во мое лично име и од име на сите колеги пратеници да посакам успешен старт и функционирање на Парламентарната буџетска канцеларија во Собранието.

Ви благодарам на вниманието! 

Click