Собраниско раководство

Четврток, 7 септември 2017 година

Обраќање на претседателот Џафери по повод 8 Септември - Денот на независноста на Република Македонија

Почитуван претседател на Владата на Република Македонија,
Почитувани пратеници од првиот состав на Собранието на Република Македонија,
Почитувани колеги пратеници,
министри,
претставници на верските заедници,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Во предвечерието на одбележувањето на Денот на државноста, 8-ми септември, на самиот почеток сакам да ја изразам мојата благодарност, а верувам дека таа благодарност ја споделува и целокупната јавност во Република Македонија, до пратениците од првиот парламентарен состав на Собранието на Република Македонија. Тие ја спроведоа волјата на граѓаните изразена на референдумот што се одржа на 8 септември 1991 година. Референдум со кој Македонците, Албанците, Ромите, Турците, Србите, Власите, Бошњаците и другите се определија за самостојна и независна држава Република Македонија. Ако со првиот Илинден од 1903 беше поставена определбата за самостојна држава, на вториот Илинден во 1944 АСНОМ, Република Македонија се здоби со основните елементи на држава како федерална единица во рамките на некогашна Југославија. Таа државотворност и самостојност, беше заокружена на 8 септември 1991 година, преку јасно изразената волја на граѓаните. Целиот процес на осамостојување, од носењето на Уставот, преку носењето на повеќе системски закони, односно создавањето на правниот поредок, се одвиваше преку Собранието на Република Македонија и токму во тоа се гледа историската улога и придонесот на колегите пратеници од првиот парламентарен состав.

Почитувани пријатели,

Пред дваесет и шест години беа поставени и стратешките цели, како на внатрешен, така и на надворешен план. На внатрешен план, Република Македонија беше дефинирана како граѓанска држава која се темели врз индивидуалните и колективните човекови права и слободи, врз принципите на парламентарната демократија и владеењето на правото, почитувањето на приватната сопственост и пазарните законитости. Притоа, општеството беше дефинирано како мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално. На надворешен план, како приоритетна стратешката цел беше поставена целосната интеграција во евроатланските структури, односно полноправното членство во ЕУ и НАТО. При вакви пригоди, само по себе се наметнува прашањето - колку од овие стратешки определби сме ги оствариле? Мислам дека во овие дваесет и шест години, имајќи ги предвид како објективните, така и субјективните причини, потоа внатрешните недоразбирања, сепак направивме големи чекори напред во остварувањето на нашите стратешки определби. Република Македонија, денес е препознатлив меѓународен субјект, кој во одреден временски период претставуваше закана за мирот во регионот, меѓутоа, сега е значаен фактор на стабилноста во регионот и пошироко. Факт е дека, како млада демократија, сè уште ни треба помош или совет од нашите меѓународни пријатели за решавање на некои наши домашни политички недоразбирања, кои на момент имаат типичен фолклорен карактер, сепак мислам дека полека ја надминуваме и оваа фаза.

Дами и господа,

Неодамна навршија стоте дена од конституирањето на Собранието, а наскоро ќе поминат и стоте дена од формирањето на актуелната Влада на Република Македонија. Нема да зборувам за тоа што сè е направено или не е направено во овие сто дена, туку сакам да истакнам само еден факт. Ова парламентарно мнозинство, има храброст, има волја, а има и знаење и капацитет да направи значајни чекори напред, како на внатрешен, така и на надворешен план, во остварувањето на нашите стратешки цели, дефинирани, како што реков, пред дваесет и шест години. Секако дека во овие процеси очекувам свој придонес да даде и опозицијата, со аргументирана критика, меѓутоа и со конструктивни предлози. А мнозинството е должно да создаде услови за опозицијата да може сето ова да го артикулира преку институциите на транспарентен начин пред јавноста. Се надевам дека сите ние кои сме во политиката, благодарение на довербата на граѓаните, ги научивме основните постулати на парламентарната демократија. Односно, при донесувањето на нашите политички одлуки, секогаш во прв план да ни биде граѓанинот, неговите права и слободи, неговата стабилна сегашност и подобра иднина.

Токму со оваа определба за стабилна сегашност и подобра иднина, би сакал на сите граѓани на Република Македонија и на Вас почитувани присутни, да го честитам Денот на независноста и да посакам, пред сè, лична среќа, меѓутоа и поголема посветеност и одговорност за подобра и европска Република Македонија.

Ви благодарам за вниманието.   

Click