Собраниско раководство

Четврток, 14 март 2019 година

Обраќање на претседателот Џафери пред пратениците во Сејмот на Литванија    

Денеска, Сејмот на Литванија со едногласна одлука со 92 гласа „за“ го ратификуваше Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО. Претседателот Џафери, кој е во Вилнус на покана на претседателот на Сејмот, г. Пранцкиетис, се обрати со следните зборови:

Почитуван Претседател на Сејмот, 
Почитувани колеги пратеници,
Екселенции,
Дами и господа, 
Почитувани претставници на медиумите,

Дозволете да го споделам со вас задоволството што денес бев сведок на овој свечен чин за нас, за граѓаните на Република Северна Македонија и за сите што придонесоа за тоа каде сме денес, ни веруваа и ни дадоа поддршка. Сејмот на Литванија и државата Литванија со чинот на Ратификација на Протоколот за наше пристапување  во НАТО сојузот, само ја потврди на дело искрената и безрезервна поддршка што во текот на сиве минати години сме ја имале и добивале од вас. Затоа, дозволете искрено да се заблагодарам од мое лично име, од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од име на граѓаните на Република Северна Македонија.

Во оваа прилика, сакам да ве информирам дека сите државни институции, сите чинители во општеството и невладиниот сектор, несебично се ангажираат и придонесуваат во насока на правење на реформи во сите области од општествениот живот и овој процес не е воопшто лесен меѓутоа, имаме јасна цел пред нас и знаеме што сакаме да постигнеме, односно, сакаме да ја исполниме нашата одамна усвоена стратешка цел, полноправно членство во НАТО и во ЕУ. Тоа значи градење вистински демократска држава со владеење на правото и функционални институции во служба на граѓаните. Со оглед на добро познатите препреки, се концентриравме максимално на затворањето на прашањата што го оптоваруваа нашето патешествие кон постигнувањето на овие наши цели, потпишавме Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија и ја потпишавме Конечната Спогодба за решавање на спорот околу името со Република Грција. Не беше воопшто лесно, меѓутоа разумот, визијата за безбедна и просперитетна иднина победија, победија за доброто на граѓаните, за доброто на државата а и на целиот регион. Нашите граѓани заслужуваат да бидат среќни граѓани, со еднакви права и слободи, со европски вредности и стандарди, со исти можности и шанси. И не бевме и не сме сами на ова патешествие. Секогаш биле до нас нашите вистински пријатели и партнери и за тоа сме неизмерно благодарни.

Почитувани пратеници,

Нашите напори не беа залудни и сега сме во фаза на изодување на последните километри пред полноправното членство во НАТО и отворањето на преговорите за членство во Европската Унија. Во однос на НАТО, ние се надеваме дека до крај на оваа година или почетокот на 2020 година, протоколот за полноправно членство на Република Северна Македонија во НАТО, ќе биде ратификуван во сите 29 национални парламенти и со тоа ќе станеме триесетта полноправна членка со сите права и обврски што ги има секоја членка на НАТО. Протоколот прва го ратификуваше Грција за потоа да го отвори патот за сите други национални парламенти. Досега, Република Словенија, Република Албанија, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Романија a денес ете и Литванија го запечатија со конкретно дело својот пријателски однос кон нас. Република Северна Македонија ќе го памти овој чин засекогаш.

Ви благодарам на вниманието!

Click