Собраниско раководство

Четврток, 20 септември 2018 година

Поздравно обраќање на претседателот Џафери на Конференцијата на млади лидери на тема „Премостување на празнината меѓу младите и политиката“ 

Почитуван потпретседател на Европскиот парламент, г. Фабио Масимо Касталдо,
Почитувани колеги пратеници од Европскиот парламент, пратеници од Парламентите на државите од Западен Балкан и пратеници од Собранието на Република Македонија, 
Почитувани претставници на младинските форуми, совети,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Дозволете на самиот почеток, на сите наши гости да им посакам пријатен престој во Скопје, во Собранието на Република Македонија и секако да ви посакам успешна работа на конференцијата која започнува денес и на која според работниот наслов „Премостување на празнината“, ќе се расправа за Дијалогот на високо ниво за политичкото учество на младите и младинските политики со пратениците од Западен Балкан. Односно, како да бидат вклучени младите во работата на нашите парламенти, како полесно да ги артикулираат своите интереси и, како заедно да креираме и реализираме многу поквалитетни младински политики. Во суштина, оваа конференција ќе треба да биде еден вид на продолжение или ако сакате, надградба на конференцијата која се одржа во јули минатата година во Трст.

На сите ни е позната изреката, светот останува на младите. Меѓутоа, се поставува прашањето, колку ние постарите сме подготвени да воспоставиме вистински дијалог со младите, колку ние ги разбираме нивните интереси и потреби. Во социологијата тоа се дефинира како генерациски јаз или популарно „геп“, кој отсекогаш постоел и е присутен во скоро сите општества. За тоа колку е длабок тој јаз помеѓу генерациите во една држава, односно општество, и како тоа да се премости, зависи од демократскиот развој во државата, од подготвеноста на политичките елити за дијалог, па ако сакате и од вистинското почитување на човековите права и слободи. Едно од основното прашање кое се поставува кога се зборува за младите кај нас, а слично е и во регионот, е вработувањето. Тоа е прашање кое има повеќедимензионални импликации и тоа, економски, социјални, па се до демографски. Понатаму, образованието е исто така едно од клучните прашања кога станува збор за младите. За нашиот регион е многу битна и мобилноста, односно поголемата соработка на младите на сите полиња, со што на своевиден начин се надминуваат некои историски предрасуди и стереотипи кои можеби сè повеќе закоравени кај постарите генерации. Верувам дека за време на конференцијата, за сите овие прашања, дилеми и предизвици  ќе слушнеме нови и пред сè конструктивни идеи, решенија, но и методологии за тоа како да воспоставиме вистински дијалог, и како да постигнеме поголема инклузивност на младите во креирањето на соодветни политики кои потоа ќе се имплементираат преку законодавниот процес.

Почитувани пријатели,

Во Собранието на Република Македонија пред една година, следејќи го искуството на Европскиот парламент но и на некои други парламенти од Западна Европа, се формираше Клубот за младински прашања и политики. Клубот е неформално тело во кое членуваат пратеници од помладите генерации, од сите парламентарни партии. Иако станува збор за неформално тело, тоа веќе се покажува како силна лоби група преку која младите и младинските организации можат да ги артикулираат своите интереси. И веќе имаме и конкретни резултати од ова неформално, ама како што реков силно младинско лоби. Имено, формирана е работна група која интензивно работи на подготовките на Закон за млади. Тоа е работна група, која во суштина работи во четири подгрупи составени од пратеници од Клубот за младински прашања и политики, потоа претставници од младинските граѓански организации, претставници од Владата и од Агенцијата за млади и спорт, како и претставници на подмладоците на политичките партии. Колку што сум информиран, се очекува до крајот на годинава овој закон, како предлог на сите пратеници да влезе во собраниска процедура.

Почитувани,

Во оваа пригода сакам да истакнам уште една многу значајна димензија. Имено токму младите генерации, барем според истражувањата, се и најголемите подржувачи на остварувањето на нашите стратешки цели, а тоа е членството во НАТО и ЕУ.

Ова го споменувам бидејќи како држава и како општество, исправени сме пред една вистинска историска одлука. Имено, знаете дека на 30-ти септември имаме референдум на кој граѓаните ќе треба да се изјаснат дали се за Европска Македонија. Јас сум убеден дека младите, секако оние со право на глас, без разлика на етничка, верска или партиска припадност, масовно ќе се изјаснат ЗА на референдумот а со тоа и за нашата стратешка определба за целосно интегрирање во НАТО и ЕУ. Односно, ќе се определат за подобра иднина за нив овде дома, но во исто време и за ширум отворени врати во Европската Унија, со можност за стекнување на нови и квалитетни знаења и искуства. Слични се и интересите на младите од нашиот регион, па затоа ќе биде интересно да се слушнат искуствата од другите држави во регионот. Секако, како и за многу други прашања, очекуваме од колегите европратеници, како и од потпретседателот на Европскиот парламент, г. Фабио Масимо Касталдо кој е и шеф на програмата за млади политички лидери, да ни ги претстават оние позитивни политики и искуства кои ќе можеме релативно брзо да ги имплементираме кај нас, но и во регионот пошироко.

Дозволете ми на крајот, уште еднаш, на сите учесници да им посакам успешна работа и секако, пријатен престој во Република Македонија.

Ви благодарам на вниманието!

Click