Активности

Среда, 25 декември 2019

Четириесет и трета седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на вчерашната 43. седница, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија, по скратена постапка (Поднесен од: Мира Стојчевска, Агим Шаќири, Кети Смилеска, Анета Симеска Димоска, Мирослав Јовановиќ, Панче Иванов);
  2. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони, по скратена постапка (Поднесен од: Реџаиљ Исмаили, Анета Симеска Димоска, Александар Филиповски).

Воведно образложение по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони, даде претставничката на предлагачите, пратеничката Анета Симеска-Димоска.

Таа истакна дека oсновна цел заради која се предлага донесувањето на овој закон е пред сѐ задржување на вработените во Дирекцијата. Воедно, со поедноставување на постапката за вработување би се олеснил пристапот до вработување во Дирекцијата и би се надминал проблемот со пополнување на слободните и испразнети работни места.

Со предложените измени и дополнувања се врши и допрецизирање на правото на државна помош, односно се уредува шемата на помош, а воедно на корисниците на зоните како непосредни корисници на ова право им се обезбедува негово олеснето и ефикасно остварување преку регулирање на материјата на ваков начин.

Предлог-измените и дополнувањата се однесуваат и на отворање на економски канцеларии во странство, со цел привлекување на директни странски инвестиции во Република Северна Македонија заради инвестирање во зоните, промовирање на економски план на зоните и презентирање на можностите и предностите за инвестирање во истите

Во однос на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија, воведно образложение даде претставничката на предлагачите, пратеничката Мира Стојчевска.

Таа истакна дека целта на измените и дополнувањата е да се пополни правната празнина што се јавува кога одлуката со која основачот го преобразил и организирал јавното претпријатие во ДОО или АД да биде укината или поништена, како и ситуација кога договорот склучен заради заедничко вложување на средства на правни и физички лица со цел вршење на дејност од јавен интерес по основ на концесија или други видови на јавно приватно партнерство да биде поништен или раскинат.

Со предложените измени се регулира можноста друштвото со ограничена одговорност или акционерското друштво да може да се врати во форма на јавно претпријатие, односно во состојбата пред преобразбата и организирањето на јавното претпријатие во друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво.

Во претресот по првиот Предлог-закон учествуваа пратениците Лилјана Кузмановска, Реџаиљ Исмаили, Анета Симеска-Димоска и Зоран Илиоски, додека по вториот: Зоран Илиоски, Мира Стојчевска, Реџаиљ Исмаили и Владимир Ѓорчев.

Во рокот утврден со Деловникот, на двата Предлог-закони не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи. Комисијата ги проследи истите на натамошна постапка во Собранието.

Click