Активности

Понеделник, 23 декември 2019 година

Четириесет и втора седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на 42. Седница, одржана на 20 декември 2019 година, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица;
  2. Предлог-законот за изменување на Законот за контрола на предметите од скапоцени метали;
  3. Предлог-законот за изменување на Законот за метрологијата;
  4. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва.

Воведно образложение по Предлог-законите даде државниот секретар во Министерството за економија, Зоран Павловски, кој истакна дека со нив се врши усогласување со Законот за прекршоци.

Во однос на Предлогот на законот за изменување на Законот за контрола на предметите од скапоцени метали и Предлогот на закон за изменување на Законот за метрологијата, Павловски истакна дека со усогласувањето на одредбите со истите пропишани со Законот за прекршоците, ќе се овозможи намалување на висината на глобите преку утврдување на соодветни рамки на износот на глобите за сторен  прекршок, во зависност од тоа дали станува збор за микро, мал, среден или голем трговец.

Што се однесува на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, целта е  да се овозможи основање друштво со ограничена одговорност со симболичен минимален износ на почетен основачки капитал од 1 евро, од страна на лица-граѓани кои имаат идеја за водење бизнис, но немаат доволно средства во износ од најмалку 5.000 евра основачки капитал за да отпочнат сопствен бизнис. Со примената на одредбите од Предлог-законот се очекува и намалување на сивата, нелегална економија во државата. Со Предлогот на законот се воведува нов тип друштво со ограничена одговорност, кој го носи насловот „Поедноставено друштво со ограничена одговорност-ПДОО“.

Исто така, се овозможува намалување на износот на глобите за трговците, доколку согласно Законот за трговските друштва се класифицирани како микро и мали трговци, додека за останатите трговци, класифицирани како средни и големи, износот на глобата се предлага да биде зголемен.

Воедно, значително се намалува износот на глобата за членови на орган на управување во акционерските друштва, доколку во конкретно определени случаи постапуваат спротивно на одредбите од Законот за трговските друштва, поради што се воведува мерка забрана за вршење должност во траење од една година, заедно со изречената глоба, доколку прекршокот биде повторно сторен од страна на членовите на органот на управување. 

Со бришење на членот 552-б од Законот за трговските друштва ќе се укине двојното санкционирање на трговските субјекти за недоставување годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година, со тоа што на сила ќе останат прекршочните одредби од законот, кои за овој прекршок предвидуваат прекршочна санкција во форма на глоба за трговскиот субјект и одговорното лице, како и привремена мерка забрана за вршење дејност и должност за трговскиот субјект и одговорното лице.

Комисијата заклучи дека Предлог-законите се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.

Click