Активности

Петок, 17 ноември 2017 година

Да се искорени сместувањето деца помлади од три години во институции 

Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со посебни способности (ИППГ) во Собранието на Република Македонија организираше работна средба на тема „Семејство за секое дете“.

На почетокот од средбата, претседавачката со ИППГ, г-ѓа Фросина Ташевска-Ременски, изрази благодарност до УНИЦЕФ за интересот заедно со пратениците и ИППГ да ја организираат оваа работна средба на која ќе бидат презентирани научни податоци за раниот детски развој и вдомувањето на најмладите.

Воведно обраќање имаше претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, кој истакна дека Проектот „Семејство за секое дете“ е проект на Владата на Република Македонија, а законодавниот дом може да стори доста во насока на тоа овој процес да добие и на динамика и на квалитет. 

Претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, г. Бенџамин Перкс и експертот за ефектите на опкружувањето врз детскиот развој, проф. Кевин Браун од Универзитетот во Нотингам, преку презентации се осврнаа на негативните последици од сместувањето деца во институции, како и значењето на грижата и комуникацијата за нивниот развој.

Многу е битно тоа што низ цела Европа постои заложба да се престане со сместување на деца помлади од три години во институции и тоа веќе се применува во повеќе земји, а е заложба и на Република Македонија до 2020 година. 

Во презентациите, меѓу другото, можеше да се види дека брзиот развој на мозокот започнува во текот на бременоста и продолжува до 6-годишна возраст, дека 40% од децата се погодени од запуштање, емотивна дистанца од родителите и дека сиромаштијата во раното детство определува една половина од квалитетот на животот, а другата половина е на родителите. 

Беа презентирани медицински сознанија и практични совети, како важноста од личниот однос меѓу детето и родителите, улогата на соседите, пријателите, потоа поседувањето свои играчки, облека и простор како придонесувачи за развојот на сопствениот идентитет. Сето ова отсуствува во згрижувачките установи, каде поради недоволно ресурси детето се чувствува депримирано.

Истражувањата велат дека децата во установите поради недоволната интеракција со други имаат задоцнет емотивен развој, стануваат егоистични и себични, им се развива чувство на безвредност и дека сите им се непријатели, па прибегнуваат кон насилство за да стекнат моќ и затоа се подложни да станат деликвенти, криминалци, вмешани во проституција, односно им се предодредува неуспех во животот.

Децата кои ги губат родителите поради смрт или одење во затвор, треба да се упатат на вдомување кај роднини или во згрижувачки семејства, а опцијата установа да биде последна опција. 

Многу е важно да постои системски одговор на ризикот од напуштање, односно да се делат совети за спречување на упатување деца во установи, посебно кај самохраните мајки, кај ромската заедница и кога станува збор за деца со попреченост.

Претседавачката Ременски истакна дека е потребна теренска работа, посета на згрижувачките институции, затоа што соочувањето со суровата реалност е начин на јакнење на желбата да се направи повеќе. Во таа насока, пратениците се креатори на подобри решенија, а ИППГ ќе ги прошири своите надлежности на делување со цел подобрување на состојбите во оваа сфера. 

Во дискусијата учествуваа пратеници кои споделија лични искуства и упатија апел да се упрости постапката за посвојување, да се подобрат условите во установите за згрижување и во градинките, да се обрне внимание на односот на негувателите и воспитувачите, да се работи на подигање на свеста и на социјализација, затоа што грижејќи се за здраво семејство, се грижиме за здрава држава, а децата се богатството и иднината на секоја земја.

Click