Активности

Четврток, 21 февруари 2019 година

До вистински одлуки преку транспарентност на Собранието

Во Парламентарниот институт на Собранието на Република Северна Македонија се одржа Тркалезна маса за зајакнување на проценката и мониторингот на капацитетите - претставување на мониторинг алатката.

Генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, како модератор на Тркалезната маса, во поздравното обраќање упати благодарност до Холандската амбасада и до Кралството Холандија за континуираната поддршка.

Притоа, потсети дека во 2017 година е потпишан Меморандум за соработка со Центарот за европски безбедносни студии (ЦЕСС), Холандија, од кој се произлезени два успешни проекта, едниот со цел едукација на собраниската служба, а вториот за зајакнување на македонските граѓански организации во процесот на донесување закони и функционирање на Собранието, од кои пак произлезе етичкиот кодекс за собраниските служби. Што се однесува на последниот проект, тој е соработка со невладините организации – местото, положбата и нивното влијание во законодавниот процес.

„Собранието, како највисок претставнички дом на граѓаните и храм на демократијата, мора да биде пример за вистински функционална институција во служба на граѓаните и за доброто на граѓаните, место каде што се носат закони и се врши надзор над спроведувањето и придонесот на тие законски решенија во подобрувањето на секојдневниот живот на граѓаните. За таа цел потребна е високо подготвена администрација и пратеници кои ќе ги поседуваат сите информации, анализи и теренски информации како предуслови за со право да го заслужат доверувањето на легитимитетот од страна на граѓаните“, рече претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери. 

На присутните им се обрати Н.Е. Воутер Пломп, амбасадор на Кралството Холандија, изразувајќи задоволство од петгодишниот проект, преку кој беа обучени собраниски службеници и НВО да користат алатки за отчетен надзор.

Во оваа насока, Мерајн Хартог, директор на ЦЕСС, нагласи дека во рамките на проектот се обучени вработени во Собранието и НВО, што ќе стимулира нивна натамошна соработка.

Петар Ванхојте, експерт за зајакнување на капацитетите на Парламентот, поранешен посредник за конфликти на високо ниво, во име на Европската комисија ja презентираше мониторинг алатката. Посочи дека невладините организации имаат значајна улога во едно демократско општество и се грижат за граѓаните кога тоа не го прават интитуциите. Користа од примена на алатката е во подобрување на работата на Парламентот и вклученост на граѓаните во носењето на одлуките. Потенцираше дека во носењето закони и одлуки е значаен квалитетот и за тоа е потребна транспарентност. 

Претставниците на НВО искажаа задоволство од отвореноста на законодавниот дом и изразија подготвеност и натаму да ја следат работата и активно да се вклучат за носење подобри решенија од интерес на граѓаните. 

Пратениците посочија дека со добра соработка ќе има и видливи резултати и искажаа отвореност за натамошно зголемување на соработката. Овој парламентарен состав ги врати назад јавните расправи како што е онаа за медиумите, загадувањето и обложувалниците. Исто така, тие го потенциираа фактот дека донесени се одлуки значајни за еврoпската иднина на државата.

Генералната секретарка, заклучувајќи ја тркалезната маса, рече дека за неполни две години направени се сериозни напори за отвореност, транспарентност и инклузивност. Гаранција за успех е и соработката со невладиниот сектор. Го истакна и задоволството од работењето на собраниските служби. Очекува во натамошниот период сериозен исчекор во поголема отвореност на Собранието.

Click