Активности

Среда, 20 февруари 2019 година

Џафери-Карајанчева: Ратификација на Протоколот е значаен чин  за граѓаните на двете држави

Денеска, Собранието на Република Бугарија, едногласно со 139 гласа „за“, го ратификуваше Протоколот на Северноатлантскиот сојуз за членство на Република Северна Македонија.

По ратификацијата, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери и неговата колешка Цвета Карајанчева, одржаа прес-конференција на која го искажаа задоволството од свечениот чин на ратификација, кој е значаен  за граѓаните на двете држави.

Претседателот Џафери истакна дека парламентарното мнозинство и актуелната влада во земјата работеа посветено на надминувањето на споровите кои го попречуваа нашиот евратлантски пат и како резултат на тој ангажман го потпишавме Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу нашите две земји, и тоа е Договор кој што веќе дава позитивни резултати. 

Минатата година, рече претседателот, го постигнавме Договорот со Република Грција за конечно надминување на разликите околу името, повеќедецениски спор којшто нè држеше во статус кво ситуација која се чинеше дека никогаш нема да се помести од таа точка. Сепак, победи разумот, победи визијата, победија граѓаните. Несомнено дека поддршката добиена од нашите меѓународни пријатели беше ветерот што го насочи нашиот брод кон вистинскиот правец. 

„После толку години чекање пред вратите на НАТО, НАТО за нас станува реалност, односно по потпишувањето на Протоколот за пристапување во Брисел, започна фазата на Ратификување на Протоколот за пристапување во националните парламенти на 29-те земји членки на НАТО и досега тоа го направија покрај Грција, Словенија, Албанија и ете денеска, Бугарија. Убеден сум дека имањето на Република Бугарија покрај нас, е силна гаранција дека и ние како земја, меѓутоа и целиот Регион на Западен Балкан ќе се развиваме и напредуваме во вистинскиот правец кој ќе донесе мир, стабилност, напредок и благосостојба за сите наши граѓани. Убаво е да се има вистински и искрени пријатели, уште поубаво е чувството кога тоа се нашите непосредни соседи“, рече на прес-конференцијата претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.

Претседателката на Народното собрание на Република Бугарија, Цвета Карајанчева, посочи дека ратификацијата e значаен чин, бидејќи ја покажува посветеноста за решавање на проблемите во Регионот, но и посветеноста за колективна безбедност и во цела Европа. Таа посака прашањата да продолжат да се решаваат во духот на дијалог и со консензус.

Карајанчева особено го истакна и значењето на потпишаниот договор за пријателство и добрососедски односи меѓу двете држави, бидејќи, рече, со ова сме посилни, и наместо поранешната перцепција дека Балканот е место за поделби и конфронтации, сега Балканот е решителен за развој на мирот, стабилноста и суверенитетот на државите. Тоа ја покажува евроатлантската перспектива и заедно можеме да изнаоѓаме решенија. 

Click