Активности

Вторник, 14 ноември 2017 година

Јавна расправа на тема: Годишен извештај за имплементација на Стратегијата за родова еднаквост за 2016 година

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на РМ, на 14 ноември 2017 година, ја одржа Третатa седница со следниот дневен ред: Јавна расправа на тема: Годишен извештај за имплементација на Стратегијата за родова еднаквост за 2016 година.

Покрај членовите и замениците членови на Комисијата на јавната расправа беа поканети сите пратеници на Собранието на Република Македонија, Министeрството за труд и социјална политика, координаторите за еднакви можности на жените и мажите при Министерството за здравство, Министерството за економија, Министерството за образование и наука и Министерството за внатрешни работи, Институтот за родови студии, Македонското женско лоби, Un Women, УНДП, НДИ, ИРИ, Европската комисија како и претставници на НВО секторот од оваа област.

Јавната расправа со пригодно обраќање ја отворија: Даниела Рангелова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Афродита Шаља Плавјанска, претставничка на ОН и Јована Тренчевска, советник за родова еднаквост на Министерството за труд и социјална политика. На темата свои излагања имаа: Нермина Факовиќ, координаторка за еднакви можности на Министерството за здравство, Фатмире Хоџа, раководителка на сектор во Министерството за економија, Наташа Јанковска, координаторка за еднакви можности на Министерството за образование и наука и Виолета Влаховиќ, раководителка на сектор во Министерството за внатрешни работи.

На расправата дискутираа пратеничките Ѓулумсер Касапи, Лилјана Поповска, Никица Корубин и Јагода Шахпаска, како и претставниците на невладините организации: Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, др Марјана Бабамова од Борка, Марија Савовска од Акција Здруженска, Даниела Димитриевска од МЖЛ и Савка Тодоровска од НСРР-СОЖМ.

По дискусијата беа донесени следните заклучоци:

1. Да се смени форматот на Извештајот кој ќе го следи акцискиот план со секторските приоритети со мерка индикаторско средство, резултати и идни чекори во согласност со измените и дополнувањата на Законот за еднакви можности на жените и мажите и да се воведе компаративна анализа со она што е наведено во акцискиот план; 

2. Да се зголемат средствата за економско јакнење на жените во политиката;

3. Да се измени Изборниот законик со воведување на квота за кандидатки за жени градоначалнички и за учеството на жените во извршната власт;

4. Да се зголемат средствата во буџетот за родова еднаквост (семејно насилство, жени претприемачки, двосменско работење на градинките, центри за лица со попреченост);

5. Ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција);

6. Да се измени Законот за прекинување на бременоста.

Click