Активности

Среда, 20 јуни 2018 година

Комисијата за европски прашања даде зелено светло за eвроaтланска Македонија

Комисијата за европски прашања вчера го разгледа и со 10 гласови „за“, без ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“, му предложи на Собранието на Република Македонија да го донесе Предлог-законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 ( 1993), за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните.

Министерот за надворешни работи, г. Никола Димитров, во своето експозе пред присутните членови на Комисијата и голем број останати пратеници, оцени дека постигнатиот Договор значи дека Македонија оди напред, одлучно и непоколебливо кон иднината. Детално и прецизно информираше за сите аспекти на Спогодбата, за процесот на преговори при што нагласи дека „ги жртвувавме митовите за да добиеме реалност“. Упати апел и кон опозицијата, цитирајќи извадоци од воведот кон Карнегиевиот извештај за Балканските војни и изјави: „Всушност нема спас, нема излез ни за малите, ни за големите држави, освен со обединување и помирување“.

Претседателот на Комисијата, г. Артан Груби, обраќајки се пред членовите на Комисијата, изјави дека овој Договор претставува гарант за иднината на неговите деца, како и на сите деца во нашата земја. Изрази големо задоволство што припаѓа на оваа генерација на политичари кои имаат историска можност да придонесат кон аманетот за следните генерации. 

„Само животот, живеен за другите е вреден за живеење", рече Груби,  мислејќи на придобивките што ги носи постигнатиот Договор за сите граѓани и идни генерации на нашата држава.

Во расправата учествуваа и пратениците: Петар Атанасов, Јулиана Николова и Самка Ибраимовски.

Во излагањата на пратениците беше присутна увереноста и сигурноста во исправноста од ваквата одлука и постигнатиот Договор со Грција, кој сега веќе е во постапка на ратификација во Собранието. Оценија дека Договорот значи гарантирање на државноста, на нашата припадност, на македонскиот јазик и идентитет. Беше посочено дека со Договорот добивме сојузник со кој ќе трасираме пат за заедничко партнерство, мислејќи на Република Грција. Заклучија дека со ова ќе биде отстранета и последната пречка за да станеме членка на НАТО и да почнеме преговори со ЕУ.

Комисијата за европски прашања беше проследена и од страна на бројни претставници на меѓународната заедница во Република Македонија како поддршка во напорите кои нашата земја ги прави за евроинтегративните процеси.

Click