Активности

Петок, 22 март 2019 година 

Комисијата за транспорт, врски и екологија учестуваше на Тркалезна маса за имплементирање на ЕУ директивите за квалитетот на воздухот

Работната група за животна средина ја одржа првата средба под наслов: „Тркалезна маса за имплементирање на ЕУ директивите за квалитетот на воздухот“, во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ со канцеларија во Скопје, а во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија.

Како што беше најавено, на работната група за животна средина присуствуваа и имаа активно учество во дискусијата претседателката на Комисијата за транспорт, врски и екологија, Лилјана Затуроска и членовите: Диме Велковски, Реџаиљ Исмаили, Лилјана Поповска, Драган Данев и Панчо Минов. 

Модератор на тркалезната маса за имплементирање на ЕУ директивите за квалитет на воздухот беше Ивана Вучкова од Фондацијата „Фридрихт Еберт“. Заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, во својата презентација се осврна на еколошките извори на загревање, говореше за грантовите за замена на печки низ Европа и истакна дека таргет на министерството е Планот за чист воздух, притоа акцентирајќи ги зоните на ниски емисии во смарт-градовите и користењето на енергијата. Исто така, најави дека Планот за чист воздух е амбициозен и тој ќе се реши во наредните две години.

Пратеничката Лилјана Поповска во својата дискусија ја потенцираше цената на дизелот во однос на бензините како една од причините за загадувањето на воздухот, потоа како друга причина за загадувањето ја наведе увозната политика на дизел возила, а се интересираше до каде е процедурата со Законот за возила. Дискутираше и за формалноста со која се вршат техничките прегледи на возилата и на крајот од дискусијата побара стимулирање на инвеститорите на новоизградените објекти за вклучување парно греење и воедно побара да се воведе забрана за исклучување на домаќинствата во станбените објекти од причина што на тој начин се нарушува целиот систем за затоплување.

Пратениците Лилјана Затуроска и Диме Велковски побараа одговор од Министерството за животна средина во однос на случајот на еколошка катастрофа со палењето на трската во градот Струга, а пратеникот Панчо Минов нагласи дека во Планот за чист воздух мора да се направи децентрализација на загадувањето.

Дискусијата продолжи во насока на тоа кои се механизмите за понатамошна соработка. Ана Чоловиќ-Лешоска, претставничка на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко Свест“, имаше интересно излагање во насока на тоа како да се дојде до поквалитетен воздух, а тоа е остварливо преку соработка на институциите и граѓанскиот сектор.

Пратеникот Минов се вклучи во дискусијата со предлог во секој Буџет да има ставка за екологијата, а пратеничката Лилјана Поповска побара да се воведе мониторинг на донаторските средства во екологијата. Пратеникот Диме Велковски побара да се направи глобална поврзаност на мерките во однос на мерките на загадувањето, односно да се изготви Национална стратегија за еколошките проблеми.

Пратеничката Затуроска укажа на два проблеми, а тоа е непостоење на механизам за институционално обединување за решавање на целта и непостоење на механизам за контрола на имплементацијата.

На крајот од првата средба на работната група за животна средина, од страна на организаторите беше најавено дека поентите и заклучоците од средбата ќе бидат изготвени и доставени до учесниците.

Click